• среда, 27 ноември 2024

Борел: Членките на ЕУ постигнаа единствен став за случувањата на Блискиот Исток  

Борел: Членките на ЕУ постигнаа единствен став за случувањата на Блискиот Исток  

Брисел, 13 ноември 2023 (МИА) – Во заедничката изјава усогласена меѓу сите 27 членки бараме итни паузи на непријателствата меѓу Израел и Хамас и воспоставување хуманитарни коридори за доставување помош на населението во Газа, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел. 

- Вчера работевме цел ден со цел да можеме да излеземе со заедничка изјава на сите 27 членки. Среќен сум што можам да кажам дека успеавме ставовите на сите 27 членки да ги вметнеме во една изјава. Знаете како беше тешко минатиот пат да се излезе со целосно усогласен пристап по гласањето во ОН, кога земјите гласаа на различен начин, истакна Борел. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој додаде дека во изјавата се повикува Израел да покаже максимална воздржаност за да обезбеди заштита на цивилните животи, дека се осудува практиката на Хамас да ги користи болниците и цивилите како жив штит, како и дека се изразува и загриженост поради бомбардирањето на болниците. 

Борел додаде дека на средбата нема да се разговара само за прекин на сегашните насилства, туку и за следните чекори што ќе треба да се преземат за обнова на Газа, но и за постигнување на интегрирано решение за палестинското прашање. 

- Тоа е вистинскиот политички проблем со кој треба да се соочиме. Кое ќе биде дефинитивното решението за конфликтот меѓу Израел и Палестина што доведе до ова ниво на хорор. Ќе мора да бараме мир помеѓу нив, бидејќи не е можно изолирано решение за Газа, додаде Борел.    

Во однос на Украина, која покрај случувањата на Блискиот Исток е една од темите на заседанието, Борел истакна дека таму судирите продолжуваат, Киев одново беше бомбардиран, а Русија продолжува со нападите врз бродовите што превезуваат житни култури низ црноморскиот коридор. 

- Нашата поддршка се зголемува. Постигнавме договор за 27 милијарди воена поддршка. Тоа е највисока вредност достигната кога и да е. Продолжуваме со обука на украинските војници. Продолжуваме да стоиме покрај Украина, додаде Борел. 

Тој потенцира дека по завршувањето на денешниот Совет, шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ ќе имаа средба и со министрите од државите од Западниот Балкан, чија цел ќе биде ЕУ да покажа колку регионот е важен за неа. 

- Ќе разговараме за предлозите на Комисијата за проширувањето и ќе инсистираме на усогласување со нашата надворешна политика, од причина што некои од земјите не се усогласени со неа и со санкциите, додаде Борел. 

Тој истакна дека очекува одлуката за старт на преговори на Украина и Молдавија за членство во ЕУ да му даде поттик на проширувањето на Унијата и да ги придвижи сегашните кандидати за членство кои се заглавени во процесот. 

Работниот ден министрите за надворешни работи на ЕУ ќе го завршат со средба со претседавачот на КОП28, Султан ал Џабер, со кого ќе разговараат за подготовките на Самитот за климата што на крајот на месецот треба да започне во Дубаи. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан