• четврток, 26 декември 2024

Борел: Советот за надворешни работи одобри пет милијарди евра помош за Украина

Борел: Советот за надворешни работи одобри пет милијарди евра помош за Украина

Брисел, 18 март 2024 (МИА) – Совет за надворешни работи на ЕУ денеска го одобри мојот предлог за создавање Фонд за помош на Украина во вкупен износ од пет милијарди евра, соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел 

- Фондот ќе ја поддржи Украина да ја добие воената опрема што и е потребна за да ги одбрани својот народ од руската агресија и нејзиното право да постои како држава. Нашите зборови ги преточуваме во дело, наведе Борел во објава на Икс. 

Според него, со овој Фонд, кој е дел од Европскиот мировен механизам, ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина во одбраната од руската агресија со се што и треба и онолку долго колку што е потребно. 

Нововоспоставениот Фонд ќе и овозможи на ЕУ дополнително да ги поддржува потребите на украинските Вооружени сили со воена опрема и обука, со обезбедување поголема и подобра оперативна поддршка за Украина како дополнување на билатералните напори на земјите членки на Унијата и со фокусирање на зголемени заеднички набавки од европската и норвешката одбранбена индустрија. 

Дополнително, Советот денеска одлучи да ги подобри правилата за управување со Европскиот мировен механизам за да го направи поодржливи и да го прилагоди на новите меѓународни околности. Со денешната одлука, финансискиот плафон на Механизмот ќе изнесува над 17 милијарди евра за периодот 2021-2027 година. 

На 1 февруари 2024 година, Европскиот совет ја потврди непоколебливата посветеност на ЕУ да продолжи да обезбедува силна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и на нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно. 

Во тој контекст, Европскиот совет ја разгледа работата на Советот за воена поддршка за Украина во рамките на Европскиот мировен механизам и предложи зголемување на севкупниот финансиски плафон. За таа цел лидерите на ЕУ му дадоа рок на Советот за надворешни работи да постигне договор за ова прашање до почетокот на март. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан