• сабота, 23 ноември 2024

Борел предупреди дека Либан не треба да биде вовлечен во војната меѓу Израел и Хамас

Борел предупреди дека Либан не треба да биде вовлечен во војната меѓу Израел и Хамас

Бејрут, 6 јануари 2024 (МИА) - Дипломатот број еден на ЕУ, Жозеп Борел, денеска предупреди дека Либан не треба да дозволи да биде вовлечен во конфликтот меѓу Израел и Хамас, пренесоа светските агенции.

Борел е во посета на либанската престолнина. Тој таму се сретна со либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб, а потоа имаше средба и со либанскиот премиер Наџиб Микати.

На прес-конференција, Борел ја истакна итната важност за избегнување регионална ескалација на конфликтот на Блискиот Исток и го предупреди Израел дека „никој нема да излезе победник од регионален конфликт“.

-Гледаме вознемирувачко зголемување на размената на оган долж Сината линија, рече Борел. Тој мислеше на линијата за разграничување што ја повлече Обединетите нации за да ја одбележи линијата зад која израелските сили се повлекоа кога го напуштија јужниот дел на Либан во 2000 година.

Подоцна денеска Борел ќе се сретне со претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, како и со командантот на силите на ОН во Либан, генерал Харолдо Лазаро Саенз. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан