• недела, 17 ноември 2024

Борел: Лавров во Скопје ќе чуе директно зошто Русија е осудена и изолирана

Борел: Лавров во Скопје ќе чуе директно зошто Русија е осудена и изолирана

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел вечерва изјави дека министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје ќе биде добра прилика министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, да чуе директно од учесниците зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да пренесе дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија.

-Јас сфаќам дека некои земји учеснички не беа воодушевени од вашата одлука да присуствува министерот Лавров. Ги сфаќам затоа што со незаконската војна на Русија против Украина таа ги поткопува истите начела на ОБСЕ и ги нарушува законите и поради тоа се соочува со меѓународни санкции и со меѓународна изолација. А сепак вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со нашата заедничка цел да го одржиме мултилатерализмот жив и Лавров треба повторно да слушне од сите зошто ја осудуваме Русија и зошто ја изолираме. Ова е добра прилика за него да чуе директно од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија. Тоа ќе биде навистина многу корисно од оваа гледна точка, рече Борел по билатералната средба со премиерот Димитар Ковачевски. 

Потпретседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика кажа дека ОБСЕ и покрај сите неволји и тешки времиња во кои живееме е важен партнер, а поради тоа што живееме во вакви времиња станува уште поважен партнер, организација и форум за размена за Европската Унија.

-Ние многу ја цениме улогата на ОБСЕ, особено во вакво време. ОБСЕ е единствената платформа каде што нашата заедничка европска безбедносна архитектура треба да биде дискутирана и покрај обидите од Русија да го поткопа ОБСЕ, да ги поткопа неговите начела и постојната безбедност, нагласи Борел.

Од друга страна, потенцира тој, од суштинско значење е на министерскиот состанок да се осигураме дека ОБСЕ ги има сите потребни средства на свое располагање за да функционира ефективно.

Ние не сакаме да ја изгубиме работната способност на ОБСЕ и сакаме да ви честитаме вам на Северна Македонија за работата што ја завршивте токму во овие тешки времиња. Навистина завршивте добра работа и заслужувате да ви се заблагодариме, рече Борел.

Високиот претставник на ЕУ го поздрави предлогот Малта да биде следниот претседавач за 2024 година и се надева дека одлуката ќе се усвои на министерскиот состанок во Скопје.

Борел исто така нагласи дека ЕУ ја поддржува Украина која се бори да го зачува суверенитетот и интегритетот, но, како што кажа, се бори за мирот и стабилноста во Европа.

-Кога велам стабилност и мир во Европа, тука го вклучувам и Западниот Балкан  и во таа насока сакам да ја уважам позицијата на Северна Македонија, вашето непогрешливо усогласување со надворешната политика со ЕУ, рече Борел.

Премиерот Ковачевски и Борел вечерва одржаа билатерална средба во пресерет на министерскиот состанок на ОБСЕ на која присуствуваа и заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ и еврамбасадорот Дејвид Гир. ев/аа/

ФОТО: Влада

 

Остани поврзан