• среда, 18 декември 2024

Борел: Курти постави три услови за средба со Вучиќ

Борел: Курти постави три услови за средба со Вучиќ

Белград, 26 јуни 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изјави дека денеска Косово не било подготвено за трилатерална средба и дека поставило три услови за тоа да се случи, а од друга страна Србија била подготвена за средбата, јави дописникот на МИА од Белград.

Борел на прес-конференција по билатералните средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека Курти побарал „формализација на основниот договор, да се отфрли писмото во кое поранешната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, кон средината на декември минатата година изрази резервираност кои се однесуваат на обврските кои произлегуваат од договорот за патот кон нормализација на односите со Република Косово, вклучително и анексот за спроведување и Милан Радоичиќ да им се предаде на правосудните органи во Приштина“.

-Србија не беше подготвена целосно да ги исполни барањата на Косово, повикувајќи се на уставните ограничувања, рече Борел. Тој додаде дека улогата на ЕУ е да им помогне и да ги поддржи страните во нивните напори во рамките на процесот на дијалог и дека останува посветена на тоа.

Во таа смисла, додаде тој, процесот ќе продолжи. Ќе продолжиме да работиме на тоа. Ќе бидеме домаќини на двајцата главни преговарачи во Брисел следната недела за да ги продолжиме разговорите и да овозможиме процесот да продолжи напред.

-И натаму веруваме дека тоа е во нивен интерес и во интерес на стремежот кон европските интеграции. Како Европска унија, ние сме подготвени да помогнеме на секој чекор од патот, изјави Борел за новинарите, пренесе РТС. об/

Остани поврзан