• сабота, 23 ноември 2024

Борел и Вархеји: Геноцидот во Сребреница е еден од најтемните моменти во модерната историја

Борел и Вархеји: Геноцидот во Сребреница е еден од најтемните моменти во модерната историја

Брисел, 10 јули 2024 (МИА) - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј денеска оценија дека „геноцидот во Сребреница, пред 29 години, е еден од најтемните моменти во модерната европска историја. Наша должност е да им оддадеме почит на над 8.300 момчиња и мажи кои беа систематски убиени во ридовите околу Сребреница“, се наведува во заедничкото соопштение на претставниците на ЕУ.

Борел и Вархеји апелираа до „лидерите да ја отфрлат реториката за поделби и да дејствуваат со вистина, правда, доверба и дијалог“.

„Заздравувањето на раните од минатото бара признавање на историските факти, оддавање почит и сеќавање на жртвите, идентификување на оние кои се уште се водат како исчезнати и изведување на сите сторители пред лицето на правдата. Ова е клучно за соочување со корените на омразата што доведоа до геноцид“, се додава во соопштението.

„Мораме заедно да градиме мостови на помирување. Меѓу нас нема место за оние кои го негираат геноцидот, се обидуваат да ја препишат историјата и да ги величат воените злосторници“, нагласуваат Борел и Вархеји.

Во соопштението се наведува дека во март 2024 година, Европскиот совет одлучи да ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ со Босна и Херцеговина (БиХ).

„Ова е клучна можност Босна и Херцеговина да напредува во реформите со цел да се подобри демократијата, просперитетот и безбедноста за граѓаните на БиХ и да се приближи земјата до членството во ЕУ“, се додава во соопштението.

Борел и Вархеји ја повторија својата „недвосмислена посветеност на иднината на Босна и Херцеговина во ЕУ како единствена, обединета и суверена земја“.

Во Меморијалниот центар Поточари утре ќе биде одбележана 29-годишнината од геноцидот во Сребреница. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан