• среда, 27 ноември 2024

Борел: Израелскиот закон за УНИРВА ќе ги попречи здравствените, образовните и социјалните услуги за Палестинците 

Борел: Израелскиот закон за УНИРВА ќе ги попречи здравствените, образовните и социјалните услуги за Палестинците 

Брисел, 14 октомври 2024 (МИА) - Европската Унија изразува сериозна загриженост за нацрт-законот за Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНИРВА) што се разгледува во израелскиот Кнесет, бидејќи неговото усвојување ќе го укине договорот од 1967 година меѓу Израел и УНРВА, ќе ги запре сите нејзини операции и сериозно ќе го попречи обезбедувањето на здравствени, образовни и социјални услуги за Палестинците, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

- ЕУ силно го поддржува повикот на генералниот секретар на ОН за ова прашање и ја споделува загриженоста дека овој нацрт-закон, доколку биде усвоен, би имал катастрофални последици, спречувајќи ја Агенцијата на ОН да продолжи да ги обезбедува своите услуги и заштита на палестинските бегалци на окупираниот Западен Брег, како и во Источен Ерусалим и Газа, наведе Борел во изјавата по повод иницијативата за усвојување на закон за УНИРВА во Израел. 

Борел посочува дека ЕУ ги повикува израелските власти да обезбедат да и биде дозволено на УНИРВА да продолжи да ја врши својата клучна задача во согласност со нејзиниот мандат утврден од Генералното собрание на ОН.  

- УНРВА обезбедува основни услуги за милиони луѓе во Газа, Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим и низ целиот регион, вклучувајќи ги Либан, Сирија и Јордан и е столб на регионалната стабилност. Таа, исто така, игра фундаментална улога во обезбедувањето услови на терен за веродостоен пат кон решението за две држави, потенцира Борел. 

Тој натаму нагласува дека ЕУ е цврст поддржувач на ОН и на мултилатералниот систем на глобално владеење заснован на правила, чиј дел е и УНРВА, како агенција на Светската организација.

- ЕУ е посветена на продолжување на својата поддршка на УНИРВА и внимателно го следи спроведувањето на препораките од извештајот на независната група за преглед и понатамошната решителна акција на ОН за да се обезбеди неутралност, одговорност и зајакнување на контролата и надзорот над работењето на Агенцијата, додава Борел во изјавата. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан