• среда, 25 декември 2024

Борел: Изборите во Зимбабве не ги исполнија принципите за еднаквост, транспарентност и одговорност

Борел: Изборите во Зимбабве не ги исполнија принципите за еднаквост, транспарентност и одговорност

Брисел, 30 август 2023 (МИА) - Различни меѓународни мисии за мониторинг на изборите во Зимбабве укажуваат дека изборниот процес не исполнил многу од регионалните и меѓународните стандарди, вклучувајќи ги и клучните принципи за еднаквост, универзалност, транспарентност и одговорност, посочува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во изјавата по повод објавувањето на првичните резултатите од општите избори во Зимбабве, одржани на 23 август.

- На денот на изборите, жителите на Зимбабве излегоа во голем број и ја покажаа својата решителност да ги искористат своите избирачки права. Тие заслужуваат целосна транспарентност и интегритет на изборниот процес. Во својата прелиминарна изјава од 25 август, Мониторинг мисијата на изборите на ЕУ заклучи дека ограничувањето на правата и непостоењето на еднакви услови за игра доведоа до амбиент што не секогаш им овозможуваше на гласачите да направат слободен избор, наведува Борел во изјавата.

Тој посочува дека ЕУ изразува жалење поради кампања на дезинформации и клевети насочени кон мониторинг мисиите на Унијата и другите меѓународни набљудувачки организации, поради ограничениот пристап до клучните изборни тела, како и неоправданите апсења на набљудувачите од граѓанскиот сектор.

- ЕУ ја повторува својата цврста поддршка за независен мониторинг на изборите како основна алатка за одбрана на човековите права и за транспарентност, одговорност и интегритет на секој изборен процес. Во овој поглед, ЕУ, исто така, ја потврдува својата поддршка за меѓународниот мониторинг на изборите заснован на факти и непристрасност. ЕУ ја охрабрува Изборната комисија на Зимбабве да применува максимална транспарентност во процесот на сумирање на резултатите, како и судството при одлучувањето за сите постизборни приговори и поплаки. Тековните спорови и сите преостанати забелешки за овој изборен процес треба да се решаваат мирно, преку постоечките правни механизми, порача Борел. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан