• вторник, 24 декември 2024

Борел: ЕУ не ја прекина помошта за УНРВА

Борел: ЕУ не ја прекина помошта за УНРВА

Брисел, 3 февруари 2024 (МИА) - Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, денеска изјави дека Европската комисија не го суспендирала финансирањето на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), нагласувајќи дека во последно време имало многу дезинформации за ова прашање.

Борел рече дека денеска во Брисел разговарале за ситуацијата во Газа и обвинувањата против дел од персоналот на УНРВА дека учествувале во нападот врз Израел на 7 октомври.

-Земјите-членки ја поздравија брзата акција преземена од УНРВА и започнаа истрага, покажувајќи колку сериозно ОН го сфаќаат ова прашање. Го чекаме извештајот, кој треба да да биде испорачан брзо и ефикасно, рече Борел и додаде дека ОН сакаат да дознаат повеќе за тоа како функционира УНРВА, поради што го покани шефот на организацијата, Филипе Лазарини на следниот состанок на шефовите на дипломатиите на Европската блок, на 12 февруари.

Шефот на дипломатијата на ЕУ рече дека нема замена за УНРВА, која, според него, одиграла клучна улога во поддршката на палестинските бегалци, не само во Газа, туку и во Либан, Јордан и на Западниот Брег.

-УНРВА храни два милиони луѓе, врши 30 илјади медицински интервенции секој ден, обезбедува образование за повеќе од 400 илјади студенти, нагласи Борел.

Кога станува збор за одмаздата на САД, кои извршија воздушни напади врз Сирија и Ирак во кои загинаа најмалку 40 лица, Борел вели дека ваквата реакција од Вашингтон била очекувана и најавена.

-Ова е затоа што САД рекоа дека ќе се одмаздат за нападите врз нивните војници што се случија неодамна, кога тројца нивни војници беа убиени (во базата во Јордан) и многумина беа ранети. Јасно е дека секој напад придонесува за ескалацијата, а министрите (од ЕУ) изразија сериозна загриженост за ваквиот развој на настаните. Можеме само да ги поканиме сите да разберат дека во секој момент ваквите напади и контранапади можат да предизвикаат голем инцидент. Ние се обидуваме да го избегнеме тоа, започнуваме поморска мисија во Црвеното Море, а во меѓувреме, бидејќи немаме воено присуство на терен, единствено што можеме да направиме е да ги искористиме нашите дипломатски капацитети, истакна Борел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика додаде и дека е „добар знак што САД се обидуваат да најдат излез од конфликтот меѓу Израел и Хамас, кој се заснова на формирање на две држави“. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан