• вторник, 24 декември 2024

Борел: ЕУ не може да прогласи, туку само да поддржи хуманитарен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Борел: ЕУ не може да прогласи, туку само да поддржи хуманитарен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Луксембург, 23 октомври 2023 (МИА) - ЕУ не може да прогласи, туку само да поддржи хуманитарен привремен прекин на огнот договорен меѓу Израел и Хамас, изјави високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, по денешната средба на европските министри за надворешни работи во Луксембург.

Тој појасни дека привременото запирање на огнот од хуманитарни причини се разликува од прекин на огнот. Според него, привремената суспензија би овозможила забрзување на хуманитарните достави, додека прекинот на огнот е прашање за кое може да се договорат само двете завојувани страни.

- Мора да разговараме со арапските држави за неопходните понатамошни политички чекори, вели Борел.

Тој истакна дека министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска ја повторија својата осуда за нападот на Хамас врз Израел претходно овој месец, повторно повикаа на итно ослободување на заложниците кои ги држи Хамас и го потврдија правото на Израел на самоодбрана во рамки на меѓународното право.

- Ние поддржуваме решение за две држави. Мораме да направиме се што е можно во Газа за да избегнеме хуманитарна катастрофа. Многу е важно да обезбедиме хуманитарна помош. Овозможувањето премин на првите конвоите со помош е позитивен знак, но треба да се забрза испораката на храна и лекови, недостасува гориво. Мораме да покажеме дека сакаме животите на Палестинците да бидат заштитени, рече Борел. Според него, не смее да има прекини на струјата и водата за цивилите, без оглед на опсадата наметната на Газа. ссм/

фото: 

Остани поврзан