• сабота, 23 ноември 2024

Борел: ЕУ ги отфрла обидите за давање легитимитет на т.н. Турска Република Северен Кипар 

Борел: ЕУ ги отфрла обидите за давање легитимитет на т.н. Турска Република Северен Кипар 

Брисел, 8 ноември 2024 (МИА) - Европската унија ги отфрла постојаните обиди на Организацијата на туркофонските држави за давање легитимитет на „сецесионистичкиот ентитет на кипарските Турци“, т.н. меѓународно непризната Турска Република Северен Кипар, за време на нејзиниот последен Самит што се одржа во Бишкек, порача високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

- Изразуваме жалење за ваквите обиди кои се во спротивност со принципот за почитување на територијалниот интегритет содржан во Повелбата на ОН, додава Борел во писмената изјава. 

Тој натаму потенцира дека ЕУ повторува оти како субјект на меѓународното право во согласност со соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН, ја признава само Република Кипар. 

Организацијата на туркофонските држави, која е формирана во 2009 година, во 2022 година и додели статус на набљудувач на т.н. Турска Република Северен Кипар. 

Членки на Организацијата се Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Турција и Узбекистан, а Туркменистан, Унгарија и централно азиската Организација за економска соработка имаат статус на набљудувачи. 

Турска Република Северен Кипар е прогласена на 15 ноември 1983 година, како наследничка на т.н. Турската Федерална Држава Кипар, формирана во 1975 година на територијата на Кипар под турска контрола. Турските сили презедоа контрола над северниот дел на Кипар во летото 1974 година, откако во Никозија беше извршен воен удар и воената хунта што ја сочинуваа етнички Грци најави план за припојување на островот кон Грција. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан