Борел: Европа се соочува со две војни и многу тензии кои можат да излезат од контрола
- Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека Европа се соочува со две „брутални војни“ во близина на нејзините граници и многу тензии кои лесно можат да излезат од контрола.
Брисел, 29 мај 2024 (МИА) – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека Европа се соочува со две „брутални војни“ во близина на нејзините граници и многу тензии кои лесно можат да излезат од контрола.
Говорејќи на крајот од Шумановиот безбедносен и одбранбен форум во Брисел, Борел предупреди дека некои од овие кризи би можеле да ескалираат во голема глобална конфронтација „во време кога светот стана мултиполарен, а мултилатералниот систем кој треба да го одржува мирот е длабоко ослабен“.
- Ние Европејците се соочуваме со две брутални војни во близина на нашите граници и многу тензии кои лесно можат да излезат од контрола – во Либија, во Сахел, на Западен Балкан, на Кавказ, во Судан, на Рогот на Африка, на границите на (Демократска) Република Конго, во Заливот, во Јужното Кинеско Море, во Јужна Азија, (и) бандите и наркокартелите во Латинска Америка и Централна Америка, рече Борел.
Тој додаде дека дури и институциите кои се срж на системот на Обединетите нации, како што е Меѓународниот суд на правдата (МСП), може да бидат ослабени.
- Доколку не се почитуваат пресудите на Меѓународниот суд на правдата, светот ќе биде во многу полоша ситуација. И следниот пат нема повторно да се повикуваме на Меѓународниот суд на правдата ако овој пат неговата пресуда не биде спроведена – а не беше. Не е, нагласи Борел.
Тој додаде дека знае дека „географијата е важна“ и оти „војните што ни се блиску се поважни од војните што се далеку“.
- Но, сите тие се меѓусебно поврзани. Секоја војна, секоја криза каде било влијае на кое било друго место во светот, рече Борел и додаде дека се загрозени јавните добра, од цените на енергијата до слободата на пловидба.
Тој оцени дека Шумановиот безбедносен и одбранбен форум е неопходен и важен состанок.
- Тоа е втор чекор во насока на ангажирање на Европејците со остатокот од светот, а остатокот од светот со нас, рече Борел.
Во Брисел денеска се одржа вториот Шуманов безбедносен и одбранбен форум на кој се собраа политичари, високи носители на одлуки, воени претставници на земјите-членки на ЕУ и повеќе од 60 земји партнери, како и претставници на меѓународни и регионални организации, водечки тинк-тенкови и академски заедници.
Целта на форумот беше да се расветли како сегашните и потенцијалните мировни, безбедносни и одбранбени партнерства можат да одговорат на најитните безбедносни закани и предизвици и да придонесат за глобалниот мир и безбедност, како и да го поддржат меѓународниот поредок и мултилатерализмот заснован на правила. јт/
Фото: Х