Борел ги повика сојузниците на Украина да ги укинат ограничувањата за погодување цели во Русија со оружје што го обезбедиле
- Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денеска ги повика сојузниците на Украина да ги укинат ограничувањата за погодување цели во Русија со оружје обезбедено од нив.
Брисел, 29 август 2024 (МИА) - Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денеска ги повика сојузниците на Украина да ги укинат ограничувањата за погодување цели во Русија со оружје обезбедено од нив.
СAД ја ограничуваат употребата на балистичките ракети со голем дострел што и ги даваат на Украина. Ограничувања за употреба на оружје воведоа и некои земји од Европската унија.
„Мораме да ги укинеме ограничувањата за употреба на оружје против руски воени цели, во согласност со меѓународното право“, изјави Жозеп Борел пред денешната средба во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ.
„Оружјето што и го даваме на Украина мора да биде искористено до целосен потенцијал и да се укинат ограничувањата за да можат Украинците да ги нападнат местата од кои Русија ги бомбардира. Во спротивно, оружјето е бескорисно“, изјави Борел.
Тој додаде дека земјите од ЕУ треба да разгледаат начини како да го заобиколат ветото на Унгарија, бидејќи е неприфатливо ветото на една земја од ЕУ да не дозволува искористување на шест милијарди евра во рамките на Европскиот мировен фонд за компензација за воената помош што веќе и е обезбедена на Украина. рп/
Фото: МИА архива