• среда, 18 декември 2024

Борел: Враќањето на Трамп на власт треба да ја натера Европа да порасне еднаш засекогаш

Борел: Враќањето на Трамп на власт треба да ја натера Европа да порасне еднаш засекогаш

Брисел, 30 ноември 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување, Жозеп Борел, денеска изјави дека пристапот „Америка на прво место“ на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп е штетен за Европа и светот и рече дека враќањето на Трамп во Белата куќа треба да ја натера Европа да порасне еднаш засекогаш.

-Говорењето со јазикот на моќта бара единство меѓу земјите-членки и поголема политичка интеграција. Мораме да работиме со Трамп како што кога стануваше збор за Брегзит - да дејствуваме заедно и да не дозволиме да бидеме поделени. Пристапот на Трамп „Америка на прво место“ е штетен за светот и Европа...Враќањето на Трамп треба да ја натера Европа еднаш засекогаш да порасне, изјави Борел во интервју за шпанскиот весник „Ла Разон“.

Коментирајќи го конфликтот во Украина, Борел рече дека од почетокот на војната, ЕУ има огромна одговорност да и помогне на Украина да се спротивстави на агресијата.

-Западот сигурно бавно сфаќаше, или барем ја потценуваше негативната еволуција на рускиот претседател Владимир Путин и во неговата внатрешна политика и во однос на неговите соседи. Одговорот на првата агресија, во 2014 година, што доведе до анексија на Крим со кршење на сите принципи на меѓународното право, несомнено беше преблаг, рече високиот претставник на ЕУ.

Според него, учеството на севернокорејските војници на страната на Русија претставува глобализација на конфликтот, но не и светска војна „како оние што Европа ги претрпе во 20 век“.

-Пред сè, тоа покажува дека Путин ги исцрпува своите воени резерви со тоа што не прибегнува кон општа мобилизација, додека економските проблеми на Русија се влошуваат, со висока инфлација, депрецијација на рубљата и пад на економскиот раст, ​​додаде тој.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан