• среда, 25 декември 2024

Борел во неколкудневна посета на САД 

Борел во неколкудневна посета на САД 

Брисел, 11 март 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел од денеска до 15 март ќе престојува во посета на Њујорк и Вашингтон, што ќе претставува можност за потврда на силата и динамиката на партнерството на ЕУ со ОН, како и за се зајакнување на односите на Унијата со САД. 

Како што соопшти Европската комисија, вечерва Борел во Њујорк ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш со кого ќе разговара за ситуацијата на Блискиот Исток, особено за хуманитарната состојба во Газа и за тековните дипломатски напори за прекин на конфликтот. Предвидено е Борел и Гутереш да се осврнат и на најновите случувања поврзани со руската агресија врз Украина и други геополитички прашања. 

Борел утре ќе го одржи своето годишно обраќање пред Советот за безбедност на ОН посветено на соработка меѓу Обединетите нации и Европската Унија. 

Од Њујорк, Борел ќе отпатува за Вашингтон, каде в среда ќе има билатерален состанок со американскиот државен секретар Антони Блинкен, на кој ќе се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток, за заедничката поддршка на ЕУ и САД за Украина, како и за клучните глобални, надворешни и безбедносни приоритети. 

В среда и четврток, Борел ќе има средби и со членови на Комитетот за надворешни односи на Конгресот на САД и со други американски претставници. 

Како што соопшти ЕК, цел на овие средби е дополнително зајакнување на трансатлантското партнерство во клучен момент за глобалната дипломатија.  

В петок, Борел заедно со еврокомесарката за енергија Кадри Симсон, со Блинкен и со американската секретарка за енергетика Џенифер Гранхолм ќе претседаваат со Советот за енергетика ЕУ-САД.  

Истиот ден, високиот претставник на ЕУ ќе се обрати и на настан во Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, посветен на Украина. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан