• среда, 25 декември 2024

Борел бара итно продолжување на Дијалогот Белград - Приштина

Борел бара итно продолжување на Дијалогот Белград - Приштина

Брисел, 30 мај 2023 (МИА) – Властите во Приштина мора да ги запрат акциите на специјалната полиција околу општинските згради во северниот дел на Косово, а насилните протести да престанат, изјави денеска во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

- ЕУ силно го осудува насилството на северот на Косово што го видовме изминатите денови. Насилните дејствија против граѓаните, медиумите, органите на прогонот и војниците на КФОР се апсолутно неприфатливи и водат до многу опасна ситуација. ЕУ цврсто стои зад мисијата на НАТО КФОР во исполнување на неговиот мандат во интерес на мирот и стабилноста во Косово, посочи Борел.

Тој додаде дека работи на организирање итен дијалог меѓу Белград и Приштина на високо ниво со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак, со цел веднаш да се запре ескалацијата и насилството.

- Мора да се избегне секоја понатамошна еднострана акција и да се воспостави мир. Како прв чекор, очекувам косовските власти да ги прекинат полициските операции фокусирани на општинските згради на северот на Косово и насилните демонстранти да се повлечат. Ќе продолжам да соработувам со двајцата лидери, истакна Борел.

Тој наведе дека синоќа разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ, а утрово со косовскиот премиер Албин Курти и од двата побарал „итно да преземат мерки за деескалација на тензиите веднаш и безусловно“.

Борел нагласи дека „во Европа веќе има премногу насилство“ и дека ЕУ нема да дозволи нов конфликт. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан