• четврток, 26 декември 2024

Болсонаро бил во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Болсонаро бил во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Бразилија, 26 март 2024 (МИА) – Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада во Бразилија, само неколку дена откако федералната полиција му го одзеде пасошот и уапси двајца негови поранешни соработници под сомнение дека подготвувале државен удар.

Ова вчера го изјави неговиот портпарол, откако Њујорк Тајмс прв објави за престојот на Болсонаро во унгарската амбасада од 12 до 14 февруари, врз основа на снимките од безбедносните камери од внатрешноста на амбасадата.

Веста предизвика прашања за плановите на поранешниот претседател, бидејќи тој се соочува со повеќе криминални истраги во Бразил, а неколку негови најблиски соработници веќе се во затвор.

Бразилската полиција не може да уапси политичар кој престојува во странска амбасада.

Адвокатот на Болсонаро, Фабио Вајнгартен, на социјалните мрежи соопшти дека поранешниот претседател поминал два дена во унгарската амбасада за да „одржува контакт со претставници на пријателска земја“ и да се информира за политичката ситуација. Секое друго толкување е „уште една лажна вест“, додаде тој.

Унгарската амбасада не одговорила веднаш на барањето за коментар.

Болсонаро има добри односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој го нарече Орбан „брат“ за време на неговата посета на Унгарија во 2022 година, а двајцата се сретнаа и во Буенос Ајрес на инаугурацијата на новиот десничарски претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, на крајот на минатата година.

На 8 февруари, полицијата му го одзеде пасошот на Болсонаро и го обвини дека уредувал нацрт-указ за поништување на резултатите од изборите во 2022 година, вршејќи притисок врз воените лидери да се приклучат на обидот за државен удар и заговор за затворање на судија на Врховниот суд.

Минатата година, бразилскиот суд пресуди дека Болсонаро нема право на политичка функција до 2030 година поради ширење изборни дезинформации за време на изборите во 2022 година. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан