Божиновска – Лорковски: Енергетската иднина зависи од брзите реформи
- Енергетската иднина зависи од брзите реформи, констатирале на денешната средба во Скопје министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски.

Скопје, 24 февруари 2025 (МИА) - Енергетската иднина зависи од брзите реформи, констатирале на денешната средба во Скопје министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски.
Средбата, како што соопшти Министерството, се одржала во пресрет на новите предизвици поврзани со усогласувањето на националното законодавство со европските енергетски стандарди, понатамошната интеграција на македонскиот енергетски пазар во регионалниот и европскиот пазар и следните чекори во реформите на енергетскиот сектор.
Министерката Божиновска ја истакнала посветеноста на земјата во усогласувањето на националните енергетски политики со европските стандарди.
- Јасни правила и предвидливост – тоа е клучно за стабилен и конкурентен енергетски сектор. Работиме на законски решенија што ќе обезбедат сигурност за инвеститорите, ќе го забрзаат процесот на енергетска транзиција и ќе гарантираат одржлив развој, посочила министерката.
Божиновска нагласила дека реформите во енергетскиот сектор се еден од врвните приоритети на Министерството. Во тој контекст, информирала дека Предлог-законот за енергетика бил поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), овозможувајќи јавна консултација за неговото финализирање.
Лорковски, како што е наведено во соопштението, изразил задоволство за транспарентноста на процесот.
На средбата била потенцирана важноста од забрзаната имплементација на интеграцискиот пакет за електрична енергија, што ќе овозможи подобра предвидливост на пазарот, оптимизација на прекуграничните капацитети за пренос и стабилизирање на цените.
Лорковски ја потврдил посветеноста на Енергетската заедница во поддршка на реформските процеси во земјата, нагласувајќи дека усогласувањето на регулативите со ЕУ директивите е клучно за побрза интеграција на македонскиот енергетски пазар во пошироките регионални и европски текови. дма/бак/
Фото: Министерство за енергетика