Божиновска: Целиме кон стабилни цени, конкурентност и подобар пристап до обновливите извори на енергија
- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се обрати на 22-от Министерски совет на енергетската заедница што се одржува во Виена, Австрија.
Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се обрати на 22-от Министерски совет на енергетската заедница што се одржува во Виена, Австрија.
Како што информира ресорното министерство, во рамки на Министерскиот совет на енергетската заедница на кој присуствуваат министрите одговорни за енергетика на деветте договорни страни од Договорот за Енергетска заедница, се дебатира околу надградбата на патоказот за декарбонизацијата, како и теми поврзани со управувањето со водите, живеалишта и дивите птици во насока на идното воведување на дополнителни законодавни обврски од овие области.
Божиновска во своето обраќање ја нагласила посветеност на нашата земја на енергетската транзиција, економската одржливост и климатската неутралност. Исто така бил истакнат напредокот на земјата во енергетскиот сектор, пред сè во делот на законодавството и усогласувањето на националната регулатива со европската легислатива. Министерката ги запознала присутните со интензивните активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за реализација на клучни инфраструктурни проекти кои ќе ги елиминираат техничките бариери во енергетската мрежа и ќе ја зајакнат регионалната соработка.
- Интензивно работиме на тековната енергетска интерконекција со Албанија, ќе продолжиме да се поврзуваме со Грција, Србија и Косово и во исто време ќе продолжиме со модернизирање на нашата електрична мрежа што ќе овозможи понатамошна интеграција на енергијата од обновливи извори. Овие проекти ќе го стимулираат економскиот раст и ќе ја зголемат сигурноста во снабдувањето со енергија. Во исто време, подобрувањето на енергетското поврзување преку интеграција на националниот пазар на електрична енергија со единствениот европски пазар на електрична енергија ќе обезбеди стабилни цени, конкурентност и подобар пристап до обновливите извори на енергија, така што со нетрпение очекуваме да продолжиме со спојувањето на пазарот на електрична енергија што е можно поскоро. Посветени сме да ги спроведеме и климатските обврски, истакнала Божиновска.
На состанокот заедно со министерката Божиновска, присуствувале и првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Енергетската заедница е меѓународна организација која ја олеснува енергетската соработка на ЕУ и деветте договорни страни: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина, а има и три постојани набљудувачи: Ерменија, Норвешка и Турција. Нејзина главна цел е да ги приближи договорните страни на ЕУ преку олеснување на реформите и постепено проширување на правото на ЕУ за енергија, животна средина и клима. мд/лв/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини