Божиновска: Снабдувањето со гориво во Македонија е стабилно, компаниите располагаат со обезбедени резерви
- Во услови кога цените на нафатата растат на светските пазари и целиот регион и светот се соочуваат со ценовен притисок, снабдувањето со гориво во Македонија е стабилно, компаниите располагаат со обезбедени резерви, дополнително снабдувањето е зајакнато преку продуктоводот „Вардакс“, а Владата внимателно ја следи состојбата. Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, подготвени сме да ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање за да го заштитиме стандардот на граѓаните, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на „Окта“ АД - Скопје, Димитрис Пасхос.
Скопје, 13 март 2026 (МИА) - Во услови кога цените на нафтата растат на светските пазари и целиот регион и светот се соочуваат со ценовен притисок, снабдувањето со гориво во Македонија е стабилно, компаниите располагаат со обезбедени резерви, дополнително снабдувањето е зајакнато преку продуктоводот „Вардакс“, а Владата внимателно ја следи состојбата. Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, подготвени сме да ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање за да го заштитиме стандардот на граѓаните - изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на „Окта“ АД - Скопје, Димитрис Пасхос.
Таа потсети дека во согласност со Правилникот за нивото и начинот и пресметка на оперативните резерви, трговецот во секое време треба да има оперативни резерви од нафтени деривати и горива за транспорт за покривање петдневен просечен обем на трговија за секој нафтен дериват поединечно, остварен од претходната календарска година.
Божиновска информира и дека разговарале со директорот на Пазарната инспекција, од каде што, како што посочиле, направиле повеќе од 300 контроли и утврдиле дека сите ги имаат овие петдневни оперативни резерви во согласност со Правилникот.
Министерката додаде и дека по кризата, веднаш реагирале и со премиерот Христијан Мицкоски и со министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, имале состанок со сите нафтени компании, при шти сите се изјасниле дека имаат нафта.
- Денес може да најавиме дека компаниите се одговорни во пресрет да се ублажат последиците од глобалната состојба со нафтените деривати, при што компанијата „Окта“ донесе одлука, почнувајќи од денеска до крајот на март, да обезбеди попуст од 2,4 денара за килограм или два денара за литар дизел и за бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата. Овој потег доаѓа по зголемените количини гориво, кои се обезбедени преку продуктоводот „Вардакс“, и дополнително го зајакнува снабдувањето на нашата држава - нагласи Божиновска.
Министерката истакна дека конфликтот на Блискиот Исток го запре транспортот низ Ормуската Теснина, клучен морски пат низ кој минуваат речиси 20 проценти од светската нафта.
- Цените на глобалните енергетски пазари нагло пораснаа, целиот свет рагира со мерки, засега секако краткорочни, се следи ситуацијата. Меѓународната агенција за енергија објави дека ќе ослободи 400 милиони барели нафта од своите резерви, што е најголема количина досега во историјата. Одлуката била донесена едногласно. Американското Министерство за финансии издаде 30-дневна лиценца, со која се дозволува испорака и продажба на руска нафта и деривати, што веќе се натоварени на танкери и се на море и ова е секако кракторочна мерка и важи до 11 април 2026 година - истакна Божиновска. ац/са/