• среда, 25 декември 2024

Божиновска се обрати на „Joint MDB Pavilion“ во рамки на COP29

Божиновска се обрати на „Joint MDB Pavilion“ во рамки на COP29

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на панел-дискусија во рамки на „Joint MDB (Multilateral Development Banks) Pavilion“ на COP29 во Баку, посветена на важноста на платформите за климатска акција и мобилизацијата на финансии за енергетската транзиција.

Како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, министерката Божиновска ја истакнала посветеноста на државата кон праведната енергетска транзиција преку JETIP (Платформата за праведна енергетска транзиција), која претставува основа за напуштање на јагленот и зголемување на обновливите извори на енергија.

- Амбицијата е јасна: развој на дополнителни 1 GW капацитети за обновлива енергија како дел од забрзаната транзиција кон зелена енергија. Оваа иницијатива не само што ќе ги намали емисиите на стакленички гасови, туку ќе отвори нови можности за локалните заедници и ќе ја постави Македонија како лидер во регионот, нагласила министерката Божиновска.

Министерката Божиновска ги истакнала клучните постигнувања во рамки на JETIP, како што се: зајакнување на енергетската мрежа преку техничка помош и инвестиции, со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и подготовка за примена на механизам за договори за разлика (CfD), што ќе го стимулира учеството на приватниот сектор во обновливите извори на енергија.

Божиновска потенцирала дека за успешна реализација на овие амбиции е неопходна координација и поддршка од меѓународните партнери.

- Праведната транзиција бара значителни финансиски вложувања. Македонија има потреба од значителна финансиска поддршка за да ги исполни овие барања без да ја загрози економската стабилност. Во тој контекст, посветеноста на меѓународната заедница е од клучно значење. Ги повикуваме нашите партнери да продолжат со финансиска помош, грантови и повластени финансиски средства, кои се неопходни за да обезбедиме праведна и одржлива транзиција. На оваа основа, ја изразуваме благодарноста за поддршката и посветеноста што меѓународната заедница ја обезбеди досега. Клучен предизвик е оваа транзиција да биде праведна и инклузивна, особено за заедниците кои традиционално зависат од рударството и термоелектраните на јаглен. Пристапот на Македонија е насочен кон давање поддршка за засегнатите работници и заедници, обезбедувајќи нови, одржливи можности и зачувување на социјалната стабилност, изјавила Божиновска.

Успехот на JETIP, како што се наведува, зависи од координираната поддршка од меѓународните и регионалните партнери, вклучувајќи финансиски институции, технички советници и креатори на политики. Според Божиновска, патот е амбициозен и предизвиците се неизбежни, досегашниот напредок ја потврдува посветеноста на земјата кон постигнување позелена и поправедна енергетска иднина.

- Преку здружени напори на Владата, приватниот сектор и меѓународните партнери, уверена сум дека Македонија може да ги исполни своите цели и да стане пример за енергетска транзиција во регионот, нагласила Божиновска во своето обраќање.

„Joint MDB Pavilion“ се фокусира на тоа како платформите за климатска акција можат да обезбедат национална координација и меѓународна поддршка за спроведување на националните придонеси (NDCs) во периодот 2025-2035 година. мд/дма/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини 

Остани поврзан