• четврток, 26 декември 2024

Богоев: Поставување видео надзор на премините, боди камери и примена на посебни истражни мерки за намалување на корупцијата

Богоев: Поставување видео надзор на премините, боди камери и примена на посебни истражни мерки за намалување на корупцијата

Скопје, 19 октомври 2023

На граничните премини ќе се постави комплетно нов систем на камери со софтверски систем што ќе ги обработува податоците за препознавање регистарски таблички. Воедно Царинската управа ќе добие донација за боди камери преку програми на САД. Овие проекти, но и зајакнатите контроли што ќе се спроведуваат во рамки на новоформираниот Сектор за посебни истражни мерки, значително ќе ја намалат корупцијата, како еден од главните приоритети на Царинската управа во насока на заштита на финансиските интереси и собирање повеќе приходи во Буџетот.

-Заврши изборот на изведувач преку проект на Светска банка во вредност од околу 900 илјади евра за комплетно нов систем на камери со софтверски систем што ќе ги обработува податоците за препознавање на регистарските таблички. Очекуваме следната година да се имплементира по што ќе имаме комплетно паметен систем на камери со софтвер со вештачка интелигенција, потенцира директорот на Царинска управа, Стефан Богоев во интервју за ТВ 24. 

Во однос на боди камерите Богоев вели дека проектот ќе започне да се имплементира на почетокот на следната година.

-Со експерти од програмите на САД договорив донација за боди камери кои цариниците на најфреквентните гранични премини ќе ги носат постојано 8 часа во текот на нивната смена при што ќе се снима и видео и тон, истакна Богоев.

Во делот на спречување на корупцијата вели дека ќе се зајакне Секторот за професионална контрола и целосно ќе се стави во функција Секторот за посебни истражни мерки со цел сузбивање на криминалот, шверцот и корупцијата. Во рамки на овој сектор е предвидено следење на комуникациите и физичко следење на лица кои имаат намера за вршење криминал што подразбира следење на надворешни лица, но и на вработени кои имаат намера да го потпомогнат извршувањето на тие криминални дејствија.

 

Царинска управа 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан