• сабота, 23 ноември 2024

Богоев: Олеснување на трговијата преку модернизација и проширување на преминот Деве Баир

Богоев: Олеснување на трговијата преку модернизација и проширување на преминот Деве Баир

Скопје, 18 август 2023 (МИА) - Модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, беше една од темите на кои се разговараше при денешната посета на директорот на Царинската управа, Стефан Богоев и заменик директорот, Муарем Асани, на граничниот премин Деве Баир, известуваат од Царинската управа.

- Модернизацијата на преминот се реализира во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, при што во првата фаза од проектот предвидена е изградба на објект на терминалот за стоково царинење и реконструкција на управната зграда. Во втората фаза планирано е проширување на преминот со две дополнителни сообраќајни ленти на влез и на излез од државата, а планирана е и реконструкција на пристапниот пат до терминалот за тешки возила заради негово непречено користење и во зимски услови, изјави Богоев.

Додаде дека во рамки на проектот се планира и изградба на нова пречистителна станица и поставување на нова вага за товарен сообраќај.

Овие активности, како што нагласи Богоев, дополнително ќе ја олеснат трговијата и ќе го забрзаат транспортот, што ќе овозможи подобрување на условите за водење бизнис.

Од ЦУ велат дека денеска на преминот спроведена е кампањата „Стоп за корупцијата“ во рамки на која директорот Стефан Богоев и заменикот Муарем Асани заедно со царинските службеници ги информирале граѓаните за штетните последици на корупцијата, како и начинот на којшто можат да ја пријават истата. сх/дма/

Фото: Царинската управа

Остани поврзан