• недела, 24 ноември 2024

Богатството на милијардерите во светот се зголеми на 10,2 билиони долари

Богатството на милијардерите во светот се зголеми на 10,2 билиони долари
Лондон, 7 октомври 2020 (МИА) - Во текот на пандемијата на новиот коронавирус вкупното богатство на светските милијардери се зголеми на 10,2 билиони долари. Како што е наведено во извештајот на швајцарската банка УБС, откако почна кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, од април до јули оваа година, богатството на светските милијардери се зголемило за 27,5 отсто, во период кога милиони луѓе останаа без работа. До пораст на нивното богатство дошло првично поради берзанските движења за време на пандемијата, кои биле на најниско ниво во текот на глобалните карантински мерки во март и април. УБС соопшти дека богатството на милијардерите достигнало нов максимум, надминувајќи го претходниот рекорд од 8,9 билиони долари, постигнат кон крајот на 2017 година. И бројот на милијардерите, исто така, достигна нов максимум, сега се 2.189, а во 2017 година биле 2.158. Јозеф Стадлер, шеф на одделот за глобална семејна канцеларија на УБС, смета дека милијардерите уште повеќе профитирале од кризата бидејќи купуваат повеќе акции од компании во момент кога економиите низ светот крахираат. Вредноста на акциите во некои технолошки компании, кои се сопственост на милијардерите, значително е зголемена во последните неколку месеци. Сопственикот на американската коропорација Амазон, Џеф Безос и понатаму е најбогатиот човек на светот, а неговото богатство се проценува на 189 милијарди долари. гт/

Остани поврзан