• недела, 24 ноември 2024

Богата новогодишна програма во Бар, Лепа Брена главна ѕвезда

Богата новогодишна програма во Бар, Лепа Брена главна ѕвезда

6 декември 2023

Општина Бар за новогодишните празници во периодот од 27 декември до 2 јануари 2024 година, организира богата музичка понуда, а главна ѕвезда која ќе ги забавува гостите за дочекот на Новата година е регионалната музичка ѕвезда Лепа Брена.

На промоцијата на туристичката понуда за новогодишната програма на Бар организирана од Туристичка организација од Бар и Амбасадата на Црна Гора во Република Северна Македонија, менаџерката за промоција Николета Никчевиќ истакна дека Бар годинава подготви најбогата програма за Нова година од сите градови на црногорското приморје кои се познати како епицентар за новогодишните празници, а дефинитивно најголемата музичка ѕвезда настапува токму во Бар.

-На 31 декември нашите гости и нашите Барани ќе ги забавува најголемата балканска ѕвезда Лепа Брена. Она што можам да кажам е дека туристичките агенции од Македонија ја вклучија во својата понуда прославата што ќе се организира во Бар и концертот на Лепа Брена. Тоа ни е показател дека постои интерес. Пазарот во Македонија е исклучително значаен за барската општина бидејќи вие сте наши драги гости и пријатели, рече Никчевиќ.

На 27 декември како главна ѕвезда ќе настапи Андреа Демировиќ, на 28 Бојан Маровиќ, на 29 Наташа Беквалац, на 30 декември Лексингтон, а по новогодишната ноќ и настапот на Брена, на 1 јануари ќе настапи „Лапсус бенд“, додека на 2 јануари програмата финишира со настапот на пеачката Анѓелина. Како предгрупи сите шест вечери ќе настапат локални изведувачи од градот со цел да се промоцира и локалната музичка сцена. Секоја вечер, по главната забава, предвиден е настап на Ди-Џеи.

Сите содржини ќе бидат изведени на платото пред Спорсткиот центар „Тополица“ кој за таа прилика ќе биде специјално накитен во новогодишно руво. На платото ќе бидат поставени и 13  куќички каде гостите ќе можат да дегустираат локални специјалитети и пијалоци.

За постителите кои ќе дојдат со семејствата за време на новогодишните празници, подготвена е пригодна детска програма за најмлади, која ќе се случува во текот на денот.

-На новогодишниот хепенинг во Бар ќе ве пречека гостопримството на нашиот град и убавата атмосфера, порача Никчевиќ.

Амбасадорката на Црна Гора во Република Северна Македонија Марија Петровиќ истакна дека двете земји имаат навистина пријателски и содржајни односи на сите нивоа, а тоа е потврдено како на честите политички контатки на највисоко ниво, така и на економско ниво и во областа на туризмот на што се става акцент во последно време.

-Изминатиот период се обидовме соработката да ја спуштиме на локално ниво за да овозможиме подобро поврзување меѓу компаниите на двете држави. По тој повод имавме потпишано бројни договори за соработка и збратимување на градови, а беше организиран и бизнис форум. Вториот приоритет секако е јакнење на туристичката размена. Според последните информации, забележан е раст на приходите од турозмот и од црногорска и од македонска страна, Имавме пораст на бројот на туристи и минатата и предминатата година. Црногорските туристи најмногу доаѓаат во Македонија за време на новогодишните и првомајските празници и тоа најчесто во Скопје и во Охрид. Од друга страна македонските туристи најинтензивно доаѓаат за време на летната сезона, вели амбасадорката Петровиќ.

Таа нагласува дека она што се обидуваат е да ги подобрат инфраструктурните услови за јакнење на трговската размена, а една од идеите во таа насока, која и покрај значителните напори, за жал, се уште не е реализирана е воспоставување директна авиолинија.

-Се надевам дека и Црна Гора и Северна Македонија, ќе пронајдат модалитет, без оглед на рентабилноста, да ја реализираат оваа идеја поради традиционално добрите пријателски односи и пред се заради јакнење на економската соработка и туристичка размена, порача амбасадорката Петровиќ.

Инаку, Никчевиќ потсети дека Бар е град на два магични брега, излегува на Јадранското Море и на Скадарското Езеро, познат е и по маслинките стари 2500 години, како и по маслиновото масло. Тука се и Острог, а двете земји ги поврзува, вели таа, и многу историсија како што е прекрасната легенда за Владимир и Косара. Бар е град и на винските подруми, позната е автохтоната сорта „вранец“, а посетителите ќе можат да дегустираат од вината на компанијата „Плантаже“.

Бојан Брацаровиќ од винаријата „13 Јули - Плантаже“ истакна дека се надева дека гостите ќе уживаат во дегустацијата на нивните вина, подвлекувајќи дека годинава одбележуваат два големи јубилеја - 30 години од виното „Вранец Прокорде“ по кое се познати ширум светот и 60 години од основањето на самата винарија. 

Промоција на новогодишната програма организирана од Туристичка организација од Бар за пошироката јавност ќе се одржи утре во текот на целиот ден во трговскиот центар „Ист гејт“.

Најголем фокус по Нова Година за Туристичката организација на Бар ќе биде ставен на активниот туризам и гастротуризмот, по што вели, можат да се издвојат од останатите приморски градови.

-Имаме 200 километри пешачки патеки, имаме пет кањона во нашата Општина, кајакарење, едрење, и други активности кои може да се практиукуваат и надвор од туристичката сезона, вели менаџерката за промоција на туризмот Никчевиќ. 

Фото: МИА

____________________________________________

MИА - ОТС Комерцијални соопштенија

Остани поврзан