• четврток, 26 декември 2024

Богата културно-забавна содржина за годинешниот Вевчански карневал

Богата културно-забавна содржина за годинешниот Вевчански карневал
Скопје, 3 јануари 2020 (МИА) - Под слоганот „Напрај се василичар“ на 12, 13 и 14 јануари годинава традиционално ќе се одржи Вевчанскиот карневал, на кој се најавуваат над илјада маски и богата програма со културно-забавни содржини. Градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски, на денешната прес-конференција информира дека програмата оифицијално почнува на 12 јануари на отворената театарска сцена, каде што се спојуваат паганските обичаи и модерниот свет, а во забавниот дел што ќе почне во 19 часот ќе настапи пејачот Влатко Лозаноски. Сатирата и слободата во изразувањето, како што додаде Јанкоски, и овој пат се водилки при креирањето на маските и сценаријата на изведувачите, а кулминацијата ја очекуваат на 13 јануари, кога маските што се кријат во тајност 365 дена ќе бидат претставени во јавноста Според градоначалникот, карневалот и оваа година ветува многу смеа, игра, театар, и маски кои ќе привлечат вниманието на јавноста задржувајќи ја својата уникатност и архаичност. На 14 јануари, според паганските обичаи, маските ќе бидат запалени сè со цел, како што рече Јанкоски, да се уништи злото. -Општина Вевчани со задоволство одговара на задачите кои подразбираат негување и промоција на традицијата, како и начин на издигнување на културата на нашата држава дома и надвор од границите. Верувам дека нашиот труд и посветеност за овој настан ќе резултира со висока посетеност и задоволни гости. Ние како домаќини многу внимателно работевме на програмата. Се потрудивме да ги задоволиме музичките вкусови на сите генерации, а воедно да понудиме и нешто ново, додаде градоначалникот. Првпат оваа година, како што информира Јанкоски, организацијата за Вевчанскиот карневал вклучува и традиционално гурманско шоу со Бранко Попоски, македонскиот „food blogger“ со вевчанско потекло, познат по проектот „Cooking with Branko“, каде ќе се претстават традиционални вевчански јадења на уникатен начин. Програмата официјално почнува на12-ти јануари од 19 часот на отворената сцена на игралиштето, каде што учество ќе земат DJ Todoroff, македонското поп-рок дуо Eye Cue, Brass Brothers и пејачот Влатко Лозаноски. Во вториот дел од програмата, односно, од 21 часот ќе настапат македонските музички фолк ѕвезди Дамјан Стојановски, Татијана Стојановски, а на полноќ со традиционален огномет и трубачи ќе биде дочекана Старата Нова Година. бт/дма/ https://www.youtube.com/watch?v=68sW-2z17h8

Остани поврзан