• среда, 27 ноември 2024

Богата програма на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“

Богата програма на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“
Крушево, 27 јули 2022 (МИА) - Со богата програма историско Крушево е подготвено за одбележувањето на 119-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република преку традиционалните културнонаучни средби „Десет дена Крушевска Република“. Манифестацијата почнува на 1 август и тоа од 18:30 часот кога почнува поворката што ќе се упати на Гумење, каде ќе се полагаат цвеќиња и ќе им се оддаде почит на илинденците. Официјалниот дел на Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ почнува на споменикот Илинден во 20:30 часот каде ќе настапат хорови и оркестри на Националната филхармонија и Националната опера и балет. Во овој дел ќе настапат „Танец“ и балерината Ивана Коцевска. Манифестацијата од 22 часот ќе продолжи на „Гумење“ со читање на Крушевскиот манифест. На присутните ќе им се обрати претседателот на Советот на научнокултурните средби „Десет дена Крушевска Република“, воедно и градоначалник на Крушево, Томе Христоски. Присутните ќе може да ги проследат настапите на Камерниот оркестар, на Тамара Тодевска, Наде Талеска, Виктор Апостоловски и на Викторија Лоба. На полноќ на први август ќе биде импровизираниот напад на Крушево, како потсетување на почетоците на Крушевската Република и на херојството на илинденците и на востаниците. Централната манифестација е на 2 август, на Илинден, на Мечкин Камен во организација на Владата на Република Северна Македонија. Во рамки на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ која трае до 10 август, на трети август е проекцијата на македонскиот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов Изи. На 4 август во споменикот Илинден е изложбата на Зоран Кардула, инспирирана од филмскиот серијал „Star Wars“, со вонвременски изглед на споменикот Илинден, а ќе има и диџеј сет на Томи Бојаџи. На 5 август во рамките на Манифестацијата ќе биде Денот на влашката култура, на 6 август е Крушевска вечер, на 7 август е програмата за деца - фестивалот „Весели ѕвончиња“ на летната сцена. На осми август на истата сцена е настапот на тенорот Влатко Груевски. На 10 август кога завршува манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ пред споменикот Илинден ќе биде спуштен бајракот на слободата. Со настапот на Дац & Александар ќе бидат затворени културнонаучните средби „Десет дена Крушевска Република“. ем/мд/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан