• среда, 20 ноември 2024

Блумберг: Шолц уште утре би можел да и го одобри на Полска испраќањето на тенковите „Леопард“ во Украина

Блумберг: Шолц уште утре би можел да и го одобри на Полска испраќањето на тенковите „Леопард“ во Украина

Берлин, 24 јануари 2023 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц уште утре би можел да и дозволи на Полска да ги извезе своите тенкови „Леопард“ од германско производство во Украина, наведуваат  извори запознаени со прашањето.

Берлин сака да донесе одлука за ова прашање што е можно поскоро за да го смири растечкото незадоволство меѓу сојузниците, изјавија извори за Блумберг под услов да останат анонимни.

Полска денеска официјално побара одобрение од Берлин за извоз на тенковите, а германската Влада во текот на денот најави дека ќе одговори на ова прашање што е можно поскоро.

Си-Ен-Ен јавува дека германскиот парламент уште утре би можел да расправа за прашањето за испраќање на тенковите „Леопард“ во Украина.

Расправата во парламентот ја побараа опозициските партии Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) со образложение дека сакаат да се овозможи испраќањето на тенковите во Украина.

Германскиот закон бара одобрение за реекспорт на нејзината воена опрема, што значи дека тенковите „Леопард“ можат да бидат испратени во Украина само со согласност на Берлин.

Шолц досега инсистираше на тоа Германија да не дејствува одвоено од нејзините сојузници во НАТО во испраќањето нови категории тешко вооружување, поради загриженоста дека таквите потези може да предизвикаат ескалација со Москва.

Германските официјални лица секогаш јасно кажуваа во приватни разговори дека ќе испратат или ќе дозволат други да испратат „Леопарди“ во Украина само доколку САД го испратат својот главен борбен тенк „М1 Абрамс“.

Берлин оттогаш го промени својот наратив и сега официјални лица изјавуваат дека нема врски меѓу испраќањето на тенковите „Леопард“ и „М1 Абрамс“.

Весникот „Вол Стрит Џурнал“ денеска објави дека САД би можеле нивните тенкови „М1 Абрамс“ да ги испратат во Украина како дел од поширок меѓународен пакет што ќе ги вклучува и германските „Леопарди“. сд/

Остани поврзан