Блумберг: Пентагон ги демантира наводите за запирање на кибер-операции против Русија
- - Хегсет не откажа, ниту одложи какви било кибер операции насочени против руските хакери, ниту пак издаде наредба за запирање на тие активности, изјавил функционерот

Вашингтон, 4 март 2025 (МИА) - Пентагон ги отфрли медиумските извештаи дека американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, наредил запирање на кибер операции против Русија, објави Блумберг, повикувајќи се на висок функционер од Министерството за одбрана на САД.
- Хегсет не откажа, ниту одложи какви било кибер операции насочени против руските хакери, ниту пак издаде наредба за запирање на тие активности, изјавил функционерот, кој сакал да остане анонимен поради природата на внатрешните одлуки.
Демантот доаѓа откако специјализираниот портал за кибер-безбедност The Record објави дека Хегсет и наредил на Американската кибер-команда (US Cyber Command) да ги прекине сите планови против Русија, вклучително и офанзивните дигитални акции. Оваа вест потоа ја објавија и Вашингтон Пост и Њујорк Тајмс, повикувајќи се на свои извори меѓу неименувани американски функционери.
Објавите за наводното запирање на операциите предизвикаа жестоки реакции кај демократите. Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, ја обвини администрацијата на Доналд Трамп дека ѝ дава „одврзани раце“ на Русија, додека таа продолжува со кибер-нападите врз американската инфраструктура.
Според истите извештаи, одлуката за запирање наводно била донесена пред јавниот судир меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба во петокот. Медиумите ја опишаа како обид да се поттикне Русија на преговори за завршување на војната во Украина.
Прашан за овие наводи, Пентагон одби да ги коментира деталите, но нагласи дека за Хегсет нема поголем приоритет од безбедноста на американските војници.
Американската Кибер-команда управува со 135 тимови за кибер-мисии, познати како „оперативни сили“ на командувањето. Меѓу нив се и тимовите за офанзивни операции, наречени Cyber Combat Mission Teams, кои имаат задача да спроведуваат напади врз непријателски системи.ссм/
фото: архива