• среда, 04 февруари 2026

Блокада за вештачкото разголување: Борбата на ЕУ за поголема безбедност на интернет

Блокада за вештачкото разголување: Борбата на ЕУ за поголема безбедност на интернет

ЕНР - Брисел

1 февруари 2026

Соочена со бурните реакции на широката јавност против употребата на вештачка интелигенција што ја нарушува приватноста и достоинството на луѓето, Европската Унија вади тешка артилерија.

Брисел ја разгледува можноста да го класифицира правењето монтажи со сексуална содржина како забранета практика согласно Законот за вештачка интелигенција, откако се случи скандалот со сексуализирани слики создадени од Грок, четботот интегриран во платформата Икс на Илон Маск.

Реакциите против Грок

Компанијата на Маск, Икс-еј-ај – откако долг период беше критикувана од страна на меѓународната заедница – кон средината на јануари воведе нови ограничувања за сексуално сугестивни слики генерирани од вештачка интелигенција со Грок. Овој потег уследи по критиките дека Грок им дозволил на корисниците дигитално да ја заменат облеката на жените со бикини и, во некои случаи, да создаваат сексуализирани слики на малолетници.

Првите слики од луѓе соблечени голи без нивна согласност („вештачко разголување“) почнаа да кружат во деновите откако беше лансирана опцијата, но особено се распространија во периодот околу Нова Година. Според Си-ен-ен, само меѓу 5 и 6 јануари, Грок бил искористен за генерирање на барем 6.700 сексуални слики. Често содржеле жени или малолетници.

– Грок сега нуди ‘пикантна опција’ што прикажува експлицитна сексуална содржина, а некои резултати се генерирани со слики што наликуваат на деца. Ова не е пикантно. Ова е противзаконско. Ова е ужасно, изјави тогаш портпаролот на ЕУ за дигитални прашања Тома Рение пред новинарите.

Европската комисија, која ја врши функцијата на дигитален надзорник на блокот, соопшти дека ќе ги разгледа новите мерки преземени од Икс. Официјалните лица предупредија дека ако чекорите се покажат како недоволни, ЕУ ќе размисли за целосна примена на својот Закон за дигитални услуги.

Потпретседателката на ЕК, Хена Виркунен, изјави дека ЕК размислува експлицитно да ги забрани ваквите сексуални слики генерирани од вештачка интелигенција согласно Законот за вештачка интелигенција, класифицирајќи ги како неприфатливи ризици.

Забраната за штетни практики во областа на вештачката интелигенција би можела да биде релевантна за решавање на проблемот со детската порнографија и сексуалните монтажи без дозвола, рече Виркунен, која исто така е и еврокомесарка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, за време на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур минатата недела. Рече и дека Законот за дигитални услуги го намалува ризикот од ширење на сексуални содржини на интернет без согласност.

Потсети и дека ЕК испратила барање до Икс да обезбеди информации во врска со Грок, како дел од нејзината истрага на платформата согласно Законот за дигитални услуги.

Од платформата било побарано да ги зачува сите интерни документи и поврзани податоци до крајот на годината. – Сега го испитуваме степенот до кој Икс може во кој било случај да го прекрши Законот за дигитални услуги и нема да се двоумиме да преземеме понатамошни мерки доколку доказите посочат на тоа, рече таа.

Комисијата претходно го засили притисокот врз Икс, кој беше казнет со 120 милиони евра на почетокот на декември поради прекршување на транспарентноста. ЕУ инсистира дека ќе ги спроведува своите правила и покрај тоа што предизвика негодување кај американската администрација.

– Законот за дигитални услуги е многу јасен во Европа. Сите платформи мора да се придржуваат кон правилата, оти тоа што го генерираат тука е неприфатливо, а усогласеноста со законите на ЕУ не е опција. Тоа е обврска, рече Рение додека се разгоруваше скандалот на почетокот на јануари.

Предминатата недела, една група од околу 50 европратеници апелираше до ЕК да ги забрани на пазарот на ЕУ сите апликации што користат вештачка интелигенција за креирање разголени слики.

Не се живее без Икс

И покрај критиките упатени кон Икс, речиси сите високи функционери на ЕУ продолжуваат да објавуваат таму наместо на алтернативни европски платформи, според истражувањето на ДПА.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и други високи функционери сè уште немаат официјални профили на Мастодон, алтернативна платформа со седиште во Германија. Виркунен отвори официјален профил на Мастодон во јануари. Некои високи политичари на ЕУ се активни и на Блускај, една друга платформа со седиште во САД што станува сè популарна.

Комисијата ја оправдува продолжената употреба на Икс со неговиот досег: Мастодон има околу 750.000 месечни корисници, во споредба со 100 милиони на Икс, според компаниите.

Долгиот правен пат кон подобра безбедност на интернет

Патот кон заштита на малолетниците во ЕУ е долг, бидејќи во судир се проблемите на приватноста и заштитата со интересите на бизнисот. Неколку регулативи се преклопуваат:

  • Контрола на четање

Комисијата во 2022 г. предложи регулатива со која ќе се бара од платформите да откриваат и пријавуваат слики и видеа од злоупотреба (материјал со сексуална злоупотреба на деца), како и обиди од предатори да контактираат малолетници.

Поддржан од неколку групи за заштита на децата, планот наречен „Контрола на четање“ предизвика жестоки расправии околу приватноста во блокот од 27 земји и доведе до обвинувања дека воведувал масовно надгледување.

Се очекува конечниот закон да биде договорен на почетокот на 2026 г., со цел да се премости јазот помеѓу пристапот на Европарламентот фокусиран на приватноста и желбата на Советот на ЕУ нашироко да се воведат овластувања за доброволно скенирање.

Иако ги продолжија привремените мерки за доброволно скенирање до април 2026 г. за да се избегне правен вакуум, европратениците побараа да се забрза изнаоѓањето трајно решение.

  • Закон за дигитални услуги

Европската Унија го користи Законот за дигитални услуги за да ги санкционира интернетските платформи преку наметнување огромни казни, барање итни оперативни промени и – во краен случај – привремено суспендирање на нивните услуги. Може да изрече казни ако платформите не ги исполнуваат должностите согласно Законот за дигитални услуги, не ги почитуваат привремените мерки или ги прекршат обврските.

Тоа е регулатива на ЕУ за побезбеден интернет, која бара од платформите да се справат со незаконската содржина, да ги заштитат корисниците и да ја зголемат транспарентноста.

  • Закон за вештачка интелигенција

Законот за вештачка интелигенција е усвоен во 2024 г. и е првата и единствена сеопфатна правна рамка на светот во контекст на вештачката интелигенција. Тој воспоставува систем базиран на ризик за регулирање на технологиите за вештачка интелигенција во рамките на ЕУ, за да се утврди дека се безбедни, доверливи и ги почитуваат основните права, а истовремено и иновативни.

Забранува одредени неприфатливи практики на вештачка интелигенција, како социјално бодување, и поставува правила за области каде што има висок ризик ако се употреби вештачка интелигенција – како критична инфраструктура или вработување. Поставува и ограничувања за манипулативна употреба на вештачката интелигенција, како што се монтажите насочени кон деца, меѓу другото.

  • Забрани за социјалните медиуми

Франција, која размислува за забрана на социјалните медиуми за деца под 15 години, од летото тестира апликација за проверка на возраста изработена од ЕК. Оваа алатка е една од неколкуте методи за проверка на возраста на корисниците на интернет, што е проблем и за технолошките гиганти и за властите.

Индивидуални напори

Шпанската министерка за млади и деца Сира Рего на почетокот на јануари побара од државниот обвинител да истражи дали Грок врши кривични дела поврзани со ширење материјал за сексуална злоупотреба на деца.

Во мигов, Шпанија работи на сопствен закон за заштита на малолетници во дигитални средини. Законот ја зајакнува рамката за заштита на личниот интегритет и приватноста од нови облици на повреда поврзани со употребата на технологии како вештачката интелигенција, потврдувајќи дека најдобрите интереси на детето мора секогаш да бидат поважни од кој било дигитален бизнис-модел.

Бугарија ги засили напорите за борба против интернетската сексуална злоупотреба на деца преку соработка за спроведување на меѓународниот закон, национални кампањи за превенција и дискусии за правилата усогласени со законодавството на ЕУ. Во 2025 г., бугарските власти учествуваа во голема меѓународна операција со која беше затворен Кидфликс, една од најголемите платформи во светот за сексуална експлоатација на деца, која ја користеле речиси 2 милиони корисници меѓу 2022 и 2025 г.

Во својот кривичен законик, Романија има воспоставено законски механизми за борба против материјалите со сексуална злоупотреба на деца, а властите имаат намера да ги прошират и модернизираат овие правила.

Од 2025 г., еден важен закон за заштита на децата на интернет (наречен Закон за интернетска возраст на полнолетство) е во парламентарна процедура, а Романија постепено ги спроведува и правилата на ЕУ за спречување и борба против онлајн сексуалната злоупотреба. Законот за интернетска возраст на полнолетство воведува задолжителна проверка на возраста и родителска согласност за малолетници (под 16 години) за пристап до интернетски услуги како социјалните мрежи и платформите за игри и пренос во живо.

Босна и Херцеговина, земја кандидатка за членство во ЕУ, сè уште нема конкретен закон што ја регулира оваа област. Во БиХ, кривичната одговорност за производство, дистрибуција и поседување на ваков материјал се базира на кривични закони што ја опфаќаат сексуалната злоупотреба на деца, но не содржат експлицитни одредби за содржина генерирана или симулирана од вештачка интелигенција.

ЕУ воведе дополнителни алатки и мерки за заштита на своите граѓани – и млади и стари – од штетни практики на интернет, но слабите точки се проблематичното спроведување, алгоритамскиот поттик на штетни содржини, недоследната примена низ државите и несогласувањата околу балансирањето на безбедноста со приватноста.

Фото: ДПА

Остани поврзан