• четврток, 26 декември 2024

Блинков за МИА: Три правни и две физички лица поврзани со згурата кај Орман, се испитува дали е опасна

Блинков за МИА: Три правни и две физички лица поврзани со згурата кај Орман, се испитува дали е опасна

Кавадарци, 6 ноември 2023 (МИА) - Три правни и две физички лица се поврзани со отпадната згура кај Орман, се испитува дали е таа опасна, а истовремено се работи на утврдување на тоа кој е одговорен што таа завршила таму. Ова го изјави денеска за МИА, Дарко Блинков, генерален инспектор за животна средина, во врска со згурата што предизвика реакции во јавноста изминатите денови.

- Досегашните сознанија се дека таа се наоѓа на локација во Орман веднаш до реката Лепенец, во сопственост на две приватни лица каде се произведуваат бетонски павер елементи. Тие имале потпишано договор за да се депонира згурата во нивниот плац. Станува збор за отпадна згура од батерија акумулатори. По слободна проценка, околу 600 тони, рече Блинков.

Тој нагласи дека интензивно се работи на случајот.

- Во близина на овој плац се наоѓа правен субјект со управител од Русија, носител на А интегрирана еколошка дозвола. Тој работи со слична згура, нема одобрение од Министерството за животна средина и просторно планирање за измена на А интегрираната еколошка дозвола за променета технологија во работата. Се утврди дека потеклото е од нивна страна. Овој субјект ја обезбедил згурата од пробиштипска фирма, па преку субјект со управител од Украина врз основа на деловен договор, згурата е транспортирана на горенаведениот плац. Пробиштипската фирма има интегрирана А еколошка дозвола, појасни инспекторот.

Мостри биле испратени во акредитирана лабораторија за животна средина, од плацот и фирмата носител на А-ИЕД во близина. Оваа недела се очекуваат резултатите од лабораторијата. Потоа најави дека ќе следува понатамошна инспекциска постапка.  

- Ќе се нареди повлекување на отпадната згура, се утврдува дали е опасна или не е опасна. Или е, како што тврди сопственикот во близина на плацот каде што е најдена, металуршки концентрат. Ќе следи  процедура за безбедно враќање на згурата кај вистинскиот сопственик. Истовремено, тој добива забрана за работа за постројката со новата технологија. Доби деведесет дена забрана за користење бунарска вода, бидејќи нема дозвола за водно право за постоечката инсталација. По целосно документирање на случајот, ќе следи и санкција. Но, сѐ уште сме со утврдување, во делот на кривична и прекршочна постапка. Навреме ќе информираме за случајот, додаде Блинков. свд/бд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан