• сабота, 21 декември 2024

Блинкен апелира до Израел да ја прекине војната против Хамас бидејќи целите се постигнати

Блинкен апелира до Израел да ја прекине војната против Хамас бидејќи целите се постигнати

Брисел, 13 ноември 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го повика Израел да им дозволи на раселените Палестинци да се вратат на местото од каде што побегнаа од конфликтот во Газа, да продолжи испораката на помош на палестинската територија, како и да ја прекине војната против Хамас сега кога се постигнати главните безбедносни цели.

„Ситуацијата е толку тешка и толку драматична и за да се поправи и за да се подобри и во целост да се одговори на потребите на луѓето, најдобриот начин да се направи тоа е да се стави крај на војната“, изјави Блинкен во Брисел.

Тој оцени дека Израел ги постигнал своите цели за уништување на военото крило на Хамас и се погрижил да не може да се повтори напад како оној што таа екстремистичка организација го започна на 7 октомври минатата година.

„Израел ги постигна своите стратешки цели според стандардите што си ги постави. Затоа ова треба да биде време да се стави крај на војната“, рече Блинкен.

Тој предупреди дека стотици камиони кои носат помош во Газа не можат да ја дистрибуираат поради кражби и други злосторства.

„Императив е тоа да се реши. Израел има одговорност да го стори тоа. Ние соработуваме и со Египет“, рече американскиот државен секретар.

Тој, исто така, повика на „вистински и долги паузи“ во војната во поголемиот дел од Газа за да може помошта ефективно да стигне до луѓето на кои им е потребна. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан