• среда, 25 декември 2024

Блинкен: САД нема да го прекине кривичното гонење на Асанж

Блинкен: САД нема да го прекине кривичното гонење на Асанж

Канбера, 29 јули 2023 (МИА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги отфрли австралиските барања да се прекине кривичното гонење на основачот на Викиликс Џулијан Асанж, велејќи дека тој е обвинет за „многу сериозно криминално однесување“ при објавувањето на голем број доверливи документи.

Австралиската Влада, предводена од левичарската Лабуристичка партија, по победата на изборите минатата година тврди дека САД треба да ја прекинат потерата по Асанж, кој помина четири години во британски затвор борејќи се против екстрадиција во САД.

Блинкен денеска потврди дека за Асанж се разговарало на годишните разговори со министерката за надворешни работи Пени Вонг кои се одржаа денеска во Бризбејн.

- Ја разбирам загриженоста и ставовите на Австралијците. Мислам дека е многу важно нашите пријатели овде да ја разберат нашата загриженост за ова прашање, рече Блинкен.

- Асанж е обвинет за многу тешко кривично дело во САД во врска со неговата наводна улога во едно од најголемите протекувања на доверливи информации во историјата на нашата земја, додаде тој.

Асанж се соочува со 17 точки од обвинение за шпионажа и едно обвинение за злоупотреба на компјутер поради објавувањето на стотици илјади доверливи дипломатски и воени документи од страна на Викиликс во 2010 година. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан