Блинкен разговарал со Сибиха за американската воена и финансиска помош за Украина
- Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска телефонски разговарал со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха за ситуацијата на бојното поле и за најавената безбедносна и финансиска помош на САД за Украина.
Вашингтон, 29 ноември 2024 (МИА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска телефонски разговарал со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха за ситуацијата на бојното поле и за најавената безбедносна и финансиска помош на САД за Украина.
- САД се трајно посветени на суверена и демократска Украина и поддржуваат праведен и траен мир заснован на Повелбата на Обединетите нации, рече Блинкен, соопшти Стејт департментот.
Тој ја изразил целосната американска поддршка за дополнителна заштита и контрамерки како што се приближува зимата.
Американскиот државен секретар го информирал украинскиот министер за американските цели за одржлива поддршка на Украина, за кои, како што рече, ќе се разговара во претстојните дипломатски ангажмани со НАТО и преку Украинската контакт група за одбрана.
Сибиха изјавил дека со Блинкен разговарал за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина и енергетската стабилност.
- Го информирав американскиот државен секретар за последиците од зголемениот руски воздушен терор врз цивилното население, клучната инфраструктура, електроенергетските мрежи и нуклеарната енергија на Украина. Разговаравме за чекорите насочени кон зајакнување на одбранбените способности, воздушната одбрана и енергетската отпорност на Украина, напиша Сибиха на Х. јт/