Блинкен: Политичката транзиција во Сирија треба да донесе власт што нема да се темели на религиозни вредности
- „Процесот на транзиција и новата влада, исто така, мора да исполнат јасни обврски за целосно почитување на правата на малцинствата, поддршка на протокот на хуманитарна помош за сите на кои им е потребна, спречување Сирија да се користи како база за тероризам или да претставува закана за нивните соседи и да се осигура дека сите залихи на хемиско или биолошко оружје се обезбедени и безбедно уништени“, наведе Блинкен
Вашингтон, 10 декември 2024 (МИА) - САД целосно го поддржуваат процесот на политичка транзиција во Сирија и сакаат тој да доведе до кредибилна и инклузивна влада која не се темели на верските заедници и која ги исполнува меѓународните стандарди за транспарентност и одговорност, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен, цитиран од британските медиуми.
„Процесот на транзиција и новата влада, исто така, мора да исполнат јасни обврски за целосно почитување на правата на малцинствата, поддршка на протокот на хуманитарна помош за сите на кои им е потребна, спречување Сирија да се користи како база за тероризам или да претставува закана за нивните соседи и да се осигура дека сите залихи на хемиско или биолошко оружје се обезбедени и безбедно уништени“, наведе Блинкен.
„САД ќе ја препознаат и целосно ќе ја поддржат секоја идна влада на Сирија што ќе биде формирана како резултат на овој процес“, се додава во соопштението.
Во меѓувреме, новиот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, рече дека постои легитимна загриженост за ризиците од верско засновано насилство во Сирија, како и за обновување на екстремизмот во земјата.
Калас, исто така, на сослушувањето пред комисијата во Европскиот парламент рече дека падот на режимот на Башар ал Асад претставува удар за рускиот претседател Владимир Путин и Иран.сд/
фото:МИА архива