• вторник, 24 декември 2024

Блинкен: Воената соработка на Русија со Иран, Северна Кореја и Кина мора да се запре

Блинкен: Воената соработка на Русија со Иран, Северна Кореја и Кина мора да се запре

Њујорк, 25 септември 2024 (МИА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен синоќа изјави дека е неопходно да се запрат обидите на Иран, Северна Кореја и Кина да ја поддржат „руската воена машина“ за да се постигне мир во Украина.

- Има два непосредни и меѓусебно поврзани чекори кои мораме да ги преземеме. Прво, треба да одговориме на растечката соработка на Русија со Северна Кореја и Иран, изјави американскиот државен секретар на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на ситуацијата во Украина, пренесува Укринформ.

Тој потсети дека Иран и испорачува беспилотни летала на Москва и оти има изградено фабрика за производство на беспилотни летала во Русија, како и дека пред само неколку недели „и предаде на Русија стотици балистички ракети со краток дострел“.

Во меѓувреме, според Укринформ, Северна Кореја ја снабдува на Русија со оружје и муниција, вклучително и ракетни фрлачи и милиони артилериски гранати.

- Со овие акции на Иран, Северна Кореја и Русија прекршени се бројни резолуции на Советот за безбедност на ОН, за кои гласаше Руската Федерација и како постојана членка сноси посебна одговорност за нивното спроведување, рече Блинкен.

Тој нагласи дека Северна Кореја заедно со Иран добива помош од Русија да ги заобиколи санкциите и дополнително да ја дестабилизира ситуацијата во нивните региони.

- Северна Кореја и Иран не се единствените кои и помагаат на Русија. Кина, уште една постојана членка на овој Совет, е водечки снабдувач на алатки, микроелектроника и други стоки што Русија ги користи за обнова, снабдување, изградба на својата воена машина и поддршка на брутална агресија, продолжи Блинкен.

Тој ги критикуваше повиците на Пекинг да се запре испораката на оружје во зоната на конфликтот.

- Постои длабока разлика: Русија е агресорот, Украина е жртвата. Русија се бори за освојување, Украина се бори за опстанок. Ако другите земји престанат да ја поддржуваат Русија, инвазијата на Путин наскоро ќе заврши. Ако не биде поддржана, Украина може брзо да престане да постои, нагласи Блинкен.

Тој додаде дека вториот чекор што можат да го направат членките на Советот за безбедност на ОН е да ги поддржат иницијативите на Украина кон праведен и одржлив мир.

- Украина повеќепати изјави дека дипломатијата е единствениот начин да се стави крај на оваа војна и дека е подготвена за преговори. Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за таков мир, потсети Блинкен.

Тој додаде дека најбрзиот начин за промовирање на мирот е едноставен.

- Да се запрат оние кои ја поддржуваат и охрабруваат агресијата на Путин и бараат праведен мир во согласност со принципите на Повелбата на Обединетите нации, заклучи Блинкен. јт/

Фото: ОН

Остани поврзан