• среда, 25 декември 2024

Блеснаа василичарските огнови во Кичево и дел од селата

Блеснаа василичарските огнови во Кичево и дел од селата
Кичево ,13 декември 2022( МИА) - Наспроти старата Нова година во Кичево и повеќето села во општината, запалени се василичарските огнови, каде со топла ракија, домашни колбаси и мезе го прославуваат пречекот на Василица. Во повеќето градски населби крај огнот на локалните жители друштво им прави и по некој музички оркестар, кој покрај огнот ги загрева присутните. Ни студеното време не ги промени плановите на жителите од овој регион на традиционален начин да ја пречекаат Василица, која последните две години се обележува на симболичен начин поради Ковид-19. - Отсекогаш во нашиот град се слави испраќањето на старата и пристигањето на Новата година или т.н.стара Нова година, кај народот позната како Василица. Уште во текот на денот жителите на повеќето градски маала и селата подготвија доволни количества на дрва за да може василичарскиот оган да гори до доцните ноќни саати, вели Петар Тренески, жител на средиштето на градот. Во некои населби се создаде традиција секоја година да се избира василичарски кум, кој за своите соседи и пријатели од населбата подготвува топла ракија, домашни колбаси, слатки и мезе. Утре на пладне во сите домови за ручек е задолжително василичарска пита со паричка, која членовите на семејството ја делат меѓу себе, а најсреќниот ја наоѓа паричката во питата, што е добар знак дека во годината што е пред нас ќе има многу среќа и здравје. за/ар/

Остани поврзан