• петок, 27 декември 2024

Благо зголемување на број на прегледи на инфективниот оддел во Кумановската болница

Благо зголемување на број на прегледи на инфективниот оддел во Кумановската болница
Куманово, 6 јули 2022 (МИА) - Последнава недела има благо зголемување на бројот на прегледи на инфективното одделение во Кумановската општа болница, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа. Не сите прегледани се ковид позитивни, појаснуваат лекарите. Во последнава недела расте бројката на пациенти кои бараат помош за стомачни тегоби, пациенти со зголемена температура. Дел од нив се тестираат поради воспаление на белите дробови, но не сите се позитивни на Ковид -19. Има и ковид позитивни, претежно млади лица кои се вратиле од одмор и поминуваат со полесна клиничка слика. -Имаме тројца пациенти примено во болница со Ковид. Тоа се пациенти со придружни болести, имаат други хронични заболувања и развиле потешка клиничка слика и се кислородно зависни. На Инфективното одделение, има десет хоспитализирани со други заболувања, воспаление на бели дробови, труење со храна, дијареја. Просечно има по 30 прегледи дневно од кои обично во просек се 10 до 15 се ковид позитивни. Тие се јавуваат бидејќи ги упатуваат матичните лекари за прегледи, консултација, за да им се следи состојбата. Во амбулантски прегледи, поголемиот дел се млади кои даваат податоци дека биле во некој од туристичките центри на летување и по враќање дома пројавиле симптоми. Главно, новите случаи што доаѓаа се со полесни симптоми, изјави директорката на болницата Снежана Захариева. Лекарите нагласија дека граѓаните треба да бидат внимателни, особено кога се враќаат од одмори, да внимаваат при контакти со повозрасните и хронично болните лица. -Во затворен простор треба да се носи маска и тоа е и препорака на Комисијата за заразни болести, на собири со повеќе луѓе, здравствени установи. Ние носиме, не знаеме кој пациент што носи, но и онаму каде има поголема концентрација на луѓе во затворен простор, на отворено нема опасност, препорача Захариева. Болницата е подготвена за евентуално зголемување на бројките, но и лекарите се надеваат дека засега состојбата е под контрола. - Простор имаме, тука е модуларната болница и се надевам нема да се отвори, но никогаш не може да се знае, можеби летото ќе биде стабилно, но на есен почнува училиште, се затвораме по дома. Да се надеваме дека симптомите ќе бидат полесни, така што матичен лекар ќе препише терапија, да се следи состојба, да се мери температура и како ќе оди клиничка слика да се бара лекарска помош во болница или амбуланта, вели Захариева.ам/вј/

Остани поврзан