Бишев: Постои консензус дека има недостаток на средства во Пензискиот фонд, останува да се утврди терапија
- Проекции се прават од сите страни, а клучно е дека постои свесност дека недостасуваат средства во Пензискиот фонд и дека е потребно да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот, порача денеска Глигор Бишев, претседателот на Фискалниот совет.
Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Проекции се прават од сите страни, а клучно е дека постои свесност дека недостасуваат средства во Пензискиот фонд и дека е потребно да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот, порача денеска Глигор Бишев, претседателот на Фискалниот совет.
-Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка. Постои консензус, а тоа е дека има недостаток на средства. Останува да се утврди терапија. Терапијата се дискутира и ние не сме замена за носителите на економските политики. Тоа во една поширока дебата е решение што на крај треба да го усвојат и да го решат носителите на економските политики, изјави Бишев во одговор на новинарско прашање пред почетокот на презентацијата на Извештајот на Светска банка за земјава.
Оцени дека доколку не се изнајде решение, тогаш Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на долг рок ќе мора да се финансира од буџетот.
-За 2025 и 2026 година тој процент достигнува 37-38 проценти од вкупните исплати за пензии и тоа не е нешто што не е вообичаено, меѓутоа ние укажуваме дека тој обем претставува сега товар и за самиот буџет. Тие се големи средства и заради одржливост на буџетот ќе треба да се најдат соодветни приходи во рамките на буџетот, бидејќи и средствата во буџетот имаат одредени намени, рече Бишев.
Истакна дека исплатите за пензии коишто учествуваа со 8,8 проценти од БДП оваа година достигнуваат околу 10,3 проценти од БДП, а со најавеното зголемување во 2026 година доаѓаат до 11,5 проценти од БДП.
-За да се зголеми учеството на пензиите во БДП треба нешто друго да се намали - дали е тоа лична потрошувачка, дали е инвестиции, дали се плати. Ние го изнесовме тоа, укажавме и сега останува да се дефинираат соодветни политики. Една од политиките е тоа учество на долг рок да остане со тој процент, појасни Бишев.
Одби да коментира дали е добра опцијата за национализација на Вториот пензиски фонд како што некои предлагаат.
-Тоа не е наше да коментираме. Ние сме независно стручно тело кое има функција да укаже на ризиците што постојат за стабилноста на јавните финансии. Ние тоа го направивме и не сакаме да ги преземаме функциите што се на носителите на економските политики, а тие функции се на Владата и ние целосно веруваме дека Владата има експерти и соодветни институции кои ќе изнајдат соодветно решение, укажа Бишев.вј/лв/
Фото: Принтскрин