• четврток, 26 декември 2024

Битолски Евреи - учениците родени во иста година, животот го изгубија во ист ден

Битолски Евреи - учениците родени во иста година, животот го изгубија во ист ден

Битола, 11 март 2024 (МИА) - На 11 март во 1943 година од Битола се откина едно здраво ткиво на градот. На денот на големиот погром и прогон на битолските Евреи, наместо живот во родните огништа, животот го завршија во нацистичкиот логор Треблинка.

Хроничарите запишале... по кобното утро, градот ја изгуби својата ведрина, во чаршијата настапи молк, за миг исчезнаа познатите еврејски песни, а најтажно беше во битолската гимназија од каде во неповрат беа однесени 129 ученици и 115 ученички, чии животи згаснаа, само и само затоа што беа Евреи. Сите беа родени во иста година и животот го изгубија во ист ден!

Истражувавме во битолскиот Архив, ги прелистувавме страниците на ученичките Дневници, главните книги од периодот пред почетокот на Втората светска војна, деновите на окупацијата на градот и посебно ученичките дневници од учебната 1942/1943 година, кога битолската гимназија беше полна со ученици Македонци, Турци, Власи, Срби, Евреи и други националности. Во сочувано писмо кое на 13 март го напишал тогашниот секретар на ОК КПЈ за Битола, Страхил Бегинов, меѓудругото се посочува: „Народот во градот е тажен заради прогонот на Евреите. Тоа е гестаповскиот режим на Хитлерова „Нова Европа“. Тоа што Хитлер денеска им го направи на Евреите, утре ќе го направи и на славјанскиот народ...“, напишал Бегинов.

Битола град на младоста од сите националности и конфесии

Пред почетокот на војната, во Битола владее мирен, тивок живот, полн со слога меѓу Македонците, Србите, Власите, Евреите, Турците и останати жители на градот. За поубав и поорганизиран живот на младите, изграден е Дом за млади, подарок од богато еврејско семејство кое мотивирано од познатата Мојсиева изрека „Левата рака не треба да гледа што дава десната рака“, не дозволило да се знае донаторот.

Домот на младите во Битола, објект кој и денеска постои (а не е во функција), по завршувањето на војната, е трансформиран во Пионерски дом „Трајче Маглоски“-Битола. Според нашето истражување до 1943 година, објектот го користи младинската културно-просветна организација ,,Hašomer hacair“ („Млад стражар“). Споменикот на младиот стражар и ден денес е во дворот на тогашниот Дом на млади и поранешен Пионерски дом во Битола. Во тоа време, во објектот има голема библиотека со книжен фонд кој освен Евреите го користеле Македонците и останатите жители во градот со кои младите создавале другарства и пријателства, изработувале ѕидни весници и заедно логорувале на Пелистер.

Главен аниматор на младинските активности бил Леон Камхи. Пред Втората светска војна во Битола се формираат повеќе музички, пејачки и други друштва, а со својата активност се истакнува женското друштво „WIZO“ („ВИЦО“) во кое членувале и Естреја Овадија (подоцна народна хероина), Естреја Леви и Солчи Касорла. Во капиталното дело „Битолските Евреи“ на Ѓорги Димовски Цолев, се нагласува дека младите Евреи организирале заеднички дружења на Тумбе Кафе, игранки и матинеа во градот, спортски натпревари и други манифестации. Во тоа време најактивни се спортското друштво „Олимпик“, музичкото друштво „Макаби“ и еден оркестар за плех музика чии инструменти биле чувани во дуќанот на Васко Ангелевски-Пурино, чевлар од Битола. Евреите освен во чисто еврејски организации членувале и во организации формирани од Македонци како што е планинарското друштво „Пелагонија“ основано од Борис Алтипармаковски кој во книга со сеќавања нагласува -,,Во нашето друштво имаше 5-6 Евреи од Битола кои беа добро примени затоа што беа чесни и искрени луѓе, но војната прекина се!“, забележал Алтипармаковски, добитник на наградата „Преведен меѓу народите“, човек кој од депортацијата во 1943 година спасил четири момчиња Евреи.

Режим, погром, прогон...

Времето на мирен соживот завршува со окупацијата на градот и пеколниот план на фашистите кој се реализира со депортацијата на битолските Евреи. Во сочуван документ, Јаков Ароести пишува: -„Уште на 9 март кружеше лоша вест, а страшното претчувство се преточи во плач и лелек на деца, жени, старци... На 11 март 1943 година, утрото во Битола почна со целосна блокада на градот која го најави пеколот за 793 еврејски семејства. Низ улиците чекореа битолските Евреи, последен пат од своите маала до железничката станица.

Според германски список изработен во привремениот логор во Скопје, евидентирани се едно семејство со 12 членови, две со 11 членови, четири семејства со 10 членови, а најголем број или 140 семејства имале по два члена. Ден по депортацијата беше ужасно тешко, пишува Ѓорги Димовски Цолев, а најтешко беше пред училиштата и посебно во средното Трговско школо и битолската Гимназија каде имаше најмногу Евреи ученици. Во сочуваните Главни книги за учениците во гимназијата, односно за сите генерации од учебната 1942/43 година кои ги истраживме, меѓудругите евидентирани се Аврам Моше Садикарио, роден на 28 февруари 1928 година во Битола, ученик во 4 година. Тој живеел со своите родители Моше и Клара Садикарио, три сестри и баба. Во училишниот дневник заведен под реден број 1, се забележува дека бил одличен ученик, со сите шестки (оцената 6 била највисока оцена), и посебно се истакнувал со познавање на францускиот јазик, алгебра, геометрија и хемија. Класната раководителка на неговата страна од дневникот напишала „Исселен на 14.03.1943 година“. Судбината на овој ученик е потврдена и во германскиот список во кој членовите на неговото семејство се заведени под реден број 640. Во досието под реден број 40 на ученикот Хаим Аврам Нахмијас, роден на 4 декември 1928 година е напишано „На 12 март 1943 година се преместил во друга гимназија“, иако јасно може да се прочита дека под реден број 506 од германскиот список, целото семејство Нахмијас, ниту се иселиле, ниту се преместиле на друго место, туку, исто како и другите депортирани Евреи, својот живот го завршуваат со фашистичкиот прогон од Битола.

Да не се заборави и никогаш да не се повтори

Сеќавањето на жртвите од фашистичкиот окупатор никогаш не исчезна...Да се пишува за тајни што треба да бидат откриени, значи да се пишува за историјата на градот, за Битола која и овој 11. март, повеќе од осум децении подоцна, исто толку време тагува за своите 3.276 сограѓани, а меѓу нив и 129 ученици и 115 ученички, кои беа во иста година родени и сите ги изгубија своите животи во еден ден, во 1943 година во Треблинка.

За прогонот и погромот сведочат Главните книги за учениците во депоата на битолскиот Историски архив, Еврејските гробишта, пионерскиот дом како најголемо младинско собиралиште во тоа време, спомениците и спомен обележјата, со вечно свежо цвеќе.

Марјан Танушевски

Фото: МИА и Историски Архив Битола

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан