Битолските јавни претпријатија ги санираат последиците од поплавите
- Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски одржа координативен состанок со директорите на јавните претпријатија кои синоќа работеа на решавање на проблемите предизвикани од обилните врнежи дожд.
Битола, 8 јануари 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски одржа координативен состанок со директорите на јавните претпријатија кои синоќа работеа на решавање на проблемите предизвикани од обилните врнежи дожд.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираа дека Коњановски е на терен и соработува со локалните и националните јавни претпријатија во овој град.
-Активностите продолжуваат и денеска. Како што беше информирано на состанокот според податоците од мерната станица на хидро-системот „Стрежево“, која се наоѓа на браната, во текот на изминатиот ден за само 12 часа паднале 42 литри на квадратен метар дожд, што е енормно голема количина на врнежи кои предизвикаа водотеците да донесат големи количини на вода. Во стрежевската акумулација во моментов има 67,2 милиони кубни метри вода, а само во текот на вчерашниот ден прибрани се 3 милиони кубни метри вода. Во текот на вчерашниот ден екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“, АД Водостопанство, хидро-системот „Стрежево“ и „Комуналец“ излегоа на терен, а со зголемувањето на врнежите. „Нискоградба“ интервенираше со четири тешки машини во Боримечка, во делот на населбата Стрчин и Лавчански пат. Единствен застој во градот беше излевањето на реката „Курдерес“, која не можеше да ги прибере обилните количини на вода кај стариот „Прогрес“. Тој застој на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“ беше саниран и отстранет, за еден час беше решена ситуацијата, а до доцна во ноќта екипите го чистеа потегот на раскрсницата. „Нискоградба“ исто така делуваше и во селата Канино, Кажани, Ѓавато, Жабени и дел на каналот Сива вода, улицата „Скоевска“, соопштија од Општина Битола.
Денеска ЈП „Нискоградба“ со оператива интервенира во селата Кравари, Канино, Барешани и дел од Буковски ливади. ЈП „Водовод“ со две машини и екипи учествуваше во интеренцијата во Кравари, а денеска на потегот на Логоварди. Се чистат канали каде што има застоени води и тоа што е останато од вчерашното невреме.мт/вј/
Фото: Општина Битола