• недела, 24 ноември 2024

Битолскиот театар премиерно со претставата „Галеб“ на Чехов вечерва на „Охридско лето“

Битолскиот театар премиерно со претставата „Галеб“ на Чехов вечерва на „Охридско лето“

Охрид, 22 јули 2024 (МИА) – Народниот театар од Битола вечерва во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ ќе се претстави со премиерната изведба на претставата „Галеб“ на Антон Павлович Чехов, во режисерска поставка на Багријана Попов.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција по повод премиерата, драмата што Чехов самиот ја нарекува комедија, носи и порака за кршливоста на човештвото, гледано низ призмата на односот на луѓето кон природата.

Режисерката Попов која 20 години соработува со Битолскиот театар посочи дека во претставата се зборува за страдања, но и за љубовта, за природните убавини и оттаму коренспондира со тоа што ќе биде премиерно изведена токму тука во Охрид.

- Секогаш кога се поставуваат претстави како оваа, суштината е да се презентира интеракцијата на човекот со природата, со убавината. Со нетрпение очекувам да видам како оваа претстава ќе биде донесена тука, на ова спиритуално место, да се открие како оваа претстава ќе проговори во нас и преку нас, рече Попов.

Режисерката посочува дека со актерите од Битолскиот театар „галебот“ доаѓа тука во Охрид и сега, со езерото како централен карактер, суптилно влијаејќи на односите кои се одвиваат околу него. „Волшебната претстава на Чехов е љубовно писмо за животот, носејќи ја нашата свест до кршливост и потребата за грижа“, вели таа.

Илија Волчевски од театарот во Прилеп кој ја толкува главната улога во претставата, во оваа прилика рече дека Чехов отсекогаш бил предизвик за актерите, уште од академските денови било чест и обврска да се обработуваат неговите дела и ликовите во неговите драми.

- Како екипа со нетрпение исчекуваме како публиката ќе оцени оваа премиера, какви ќе бидат коментарите, независно дали тие ќе се позитивни или негативни. Комплиментите се добри за самодовербата, но добронамерната критика секогаш е мотив за подобрување...рече тој.

За трагичниот крај на ликот Константин Гаврилович Трепљов во претставата, Волчевски ќе рече дека луѓето не треба да ги бараат решенијата за проблемите на начин како што тоа го прави главниот лик Трепљов во претставата.

- Секој човек минува низ турбуленции во животот...Личните проблеми за секого се најголеми, но не мислам дека таквиот крај како што се случува со Трепљов е некакво решение, Секогаш треба да се бара, да се ита да се стигне до светлата точка која е се појасна како се приближувате кон неа, посочи тој.

Младата актерка Леонида Гулевска која ја толкува возбудливата улога на Маша, од своја страна рече дека нејзиниот лик е можеби најзагатливиот, најнесфатениот карактер во претставата...

- Беше потешко да се работи на овој лик оттаму што се работи за улога која нема многу текст, а треба да долови некакви решенија за тешки, нерешливи дилеми. ..Пораката би била до младите да го бараат оптимизмот во секоја ситуација и тоа е таа светла точко кон која треба да се насочуваме, рече таа.

Огнен Дранговски рече дека неговиот лик на Евгениј Сергеевич Дорн, доаѓа во вистинскиот миг за него лично, оттаму што е работи за карактер што некако според искуството најмногу соодветсвува на неговата возраст.

-  Можеби е сега токму мигот кога треба малку да се повлечам од занесеноста на Трепљов, Маша или Мина, да го видам се она во претставата со свои очи, се разбира, без цинизам туку со топлина...Овој карактер дојде до мене во вистинско време, после многу километри минати на сцената, после изиграни бројни ликови. Убаво е кога ќе дојде еден ваков лик што ќе донесе свежина во претставата. Донесе свежина кај мене посекако, рече  Дранговски.

Багријана Попов е наградувана театарска режисерка, драматург и актер. Соработувала со признати актери во Австралија и Европа.Таа покажува длабок и траен интерес за драмите на Антон Чехов и ги има адаптирано и режирано неговите четири главни драми. Театарската адаптација на „Вишновата градина“ – на „Прогрес и меланхолија“ – освои 3 награди, меѓу кои и награда за најдобра режија. Нејзината поставка на „Чичко Вања“ од Чехов, во продукција со „Ла Мама“, беше изведена со високи пофалби на фестивалот во Аделаида во 2019 година. 

Во претставата вечерва уште ќе ги видиме Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска- Дранговска, Васко Мавровски, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски.

Сценографијата за претставата ја осмисли Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, додека за музичката подлога се погрижи Александар Димовски.

Претставата ќе се игра на сцената „Долни Сарај“ со почеток од 19:30 часот. Истата трае два часа и не е наменета за лица под 16 години. аб/дма/

фото: МИА

 

Остани поврзан