• среда, 25 декември 2024

Битолскиот градоначалник Тони Коњановски на панел-дискусија во Брисел

Битолскиот градоначалник Тони Коњановски на панел-дискусија во Брисел

Битола, 28 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Битола Тони Коњановски во Брисел учествува на панел-дискусија „Ангажманот на управувачките структури и засегнатите страни за праведна транзиција“, во организација на Светска банка.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола соопштија дека панелот е дел од годишниот состанок насловен „Иницијатива за регионитe со јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина“.

-Недоволната транспарентност на државните институции при изготвувањето на Националниот акционен план за енергија и клима ја изоставија вклученоста на граѓаните кои всушност се најзасегнати во овој процес, а информациите и понатаму недоволно се пренесуваат од централно кон локално ниво. Локалната самоуправа веќе презема конкретни мерки и активности за подобрување на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, но многу е важно да постои координација, особено во случаите кога се доведени во прашање и работните места на граѓаните, истакна градоначалникот Коњановски.

Општина Битола презеде повеќе активности во процесот на праведна транзиција, а една од најважните е овозможувањето енергетска ефикасност на објектите што се под локална самоуправа.

-Во последните години на изразена енергетска криза, се работи на јавните објекти, особено на училиштата и градинките, каде што се чувствува најголема потреба од енергетска ефикасност. Нашата стратегија е што повеќе да ја направиме општината, односно јавните општински објекти, енергетски поефикасни, а во исто време и да се намали потрошувачката на електрична енергија, истакна Коњановски и побара во прцесот на напуштање на јагленот како новост за Битола и битолчани, кои во голема мерка работат во РЕК Битола, да се внимава на своевидна криза и притисок кај граѓаните за нивните работни места.

На панелот во Брисел, градоначалникот Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски најавија развоен план за унапредување на Индустриската зона Жабени, во којашто ќе може да се инвестира во нискозагадувачка индустрија, и порачаа да се има системско решение за лицата вработени во РЕК Битола. мт/хс/

Фото: Општина Битола

Остани поврзан