• четврток, 26 декември 2024

Битолската зимска служба подготвена за зимската сезона и чистење на коловозните површини

Битолската зимска служба подготвена за зимската сезона и чистење на коловозните површини

Битола, 22 ноември 2023 (МИА) - Општина Битола ја подготви Зимската служба за интервенирање во претстојната зимска сезона, за што се обезбедени над 18 милиони денари за чистење на снегот и голомразицата од коловозните површини.

Според утврдената програма, Зимската служба ја предводи КЈП „Нискоградба“ со специјални машини, опрема и човечки ресурси за чистење на улиците во градот, а во зависност од временската ситуација ќе бидат ангажирани и други избрани учесници.

-Коловозните површини предвидени за оспособување во зимски услови на ниво на Општина Битола изнесуваат околу 191 километар и нивното расчистување се одвива на сообраќајници по кои се одвива јавен градски превоз со критични точки и пристапи кон објекти кои се од витално значење за градот или сообраќајници од прв приоритет, и сообраќајници од посебно значење за функционирање на сообраќајот, стопанските и други објекти во градот и пошироко на територијата на општината, или сообраќајници од втор приоритет. Составен дел на програмата се и локалните патишта и сообраќајници низ населени места, односно рурални населби, информираа од Општина Битола.

Динамиката на Зимска служба ќе ја следат и од ЈП „Комуналец“-Битола, чија задача освен подигнување на сметот ќе биде да врши расчистување од снег на пристапите до контејнерите за смет и околу нив, да ги расчистува пешачките зони, тротоарите и пешачките пристапи до објектите кои се од витално значење, да врши сечење и отстранување од коловоз на паднати дрва и гранки, како и да го отстранува снегот и пристапните патеки во парковите и спомен обележјата во Градот, патеките во гробиштата и други работи сврзани со зимската служба.

Од Општина Битола потсетуваат дека во зимски услови обврски имаат и претпријатијата, заедниците и граѓаните сопственици, односно корисници на деловни згради и деловни простории кои самостојно преземаат мерки за чистење на снегот и голомразицата пред своите објекти, како и граѓаните односно сопствениците, станарите и закупувачите на станбените објекти кои го чистат снегот и голомразицата од тротоарите - патеките и приодите пред своите станбени згради, а го чистат и снегот од покривите и терасите при што се води сметка за безбедноста на минувачите, надворешните инсталации и сообраќајот.мт/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан