• недела, 24 ноември 2024

Битолската акумулацијата „Стрежево“ со нови количини вода

Битолската акумулацијата „Стрежево“ со нови количини вода

Битола, 7 март 2020 (МИА) - Дождот деновиве ги зголемува количините на вода во акумулацијата „Стрежево“, а со топењето на снегот се очекува котата да биде на уште повисоко ниво, најуваат од ЈП „Стрежево“ - Битола, претпријатие кое стопанисува со акумулацијата.

Во моментов акумулацијата има 48,5 милиони кубни метри вода и тоа е повеќе од една третина од максималниот капацитет на акумулацијата.

-Утрово сливното подрачје на акумулацијата „Стрежево“ бликаше со вода и целата количина ја собираме во вештачкото езеро. Сушата си го направи своето, но и ние нашиот дел, односно со максимална професионалност обезбедуваме вода за сите корисници пред се граѓаните кои водата ја добиваат преку нашиот деловен партнер ЈКП „Водовод“, а паралелно ги снабдуваме пелагониските земјоделци и РЕК „Битола“, потврди Менде Граматковски, генерален директор на ЈП „Стрежево“ - Битола.

Акумулацијата „Стрежево“ со вода се полни преку алиментацискиот канал и реката Шемница, но и сите други водотеци, а заради заштеди на водата во овој период не се користат деривационите хидроцентрали на претпријатието.

-Гледано од денешен аспект и доколку врнежите продолжат кои на околните планини се врнежи од снег, тогаш вода во акумулацијата ќе има повеќе од доволно, затоа што ќе ја собираме во наредните три месеци и на тој начин како и досега подготвено ќе ја дочекаме сезоната за наводнување, посочи Граматковски.

Според статистички податоци на претпријатието, во овој период од годината, односно јануари - февруари, акумулацијата „Стрежево“ во најлоша состојба била во 2002 година кога имало само 23 милиони кубни метри вода, а близу денешната состојба според акумулираното количество вода е 2009 година кога имало 54 милиони метри кубни вода, односно, денес во вештачкото езеро има близу 50 милиони кубни метри вода.мт/бт/

Остани поврзан