• среда, 18 декември 2024

Битиќи: Обезбедивме модел со кој ќе се добие поевтина струја за граѓаните во наредните 20 години

Битиќи: Обезбедивме модел со кој ќе се добие поевтина струја за граѓаните во наредните 20 години

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Ниту една од четирите стратешки инвестиции во енергетиката кои го поминаа првиот филтер во Собранието да се носат по скратена постапка не е доволна да го намали дефицитот кој го имаме во енергетскиот биланс. Токму тоа е и причината што државата не ги гради сама, туку бара стратешки инвеститори за нивна реализација, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Ќе има простор и ние да изградиме доволно фотоволтаични и гасни централи затоа што не се доволни само овие четири. На јавен оглас кој беше отворен за сите се појавиле овие четири инвеститори кои кажале ние сакаме да помогнеме со наши приватни  инвестиции. Со тоа креираме појасна иднина за нашите граѓани дека ќе живеат во градови во кои ќе има чист воздух. Воедно нема да бидеме повеќе зависни од гас, струја, и не треба воопшто да се плашиме. Нашата долгорочна стратегија е да имаме доволно количина на енергија за сите потреби на граѓаните и државата, рече Битиќи во емисијата „Топ Тема“ на телевизија „Телма“.

Нагласи дека во Стратегијата за енергетика е јасно напишано дека приватните инвестиции ќе помогнат да се направи целосната енергетска транзиција која ќе трае до 2040 година.

За најспорната за експертската јавност когенеративната гасна централа Митилинеос, која треба да се гради во скопската железарница, рече дека освен што ќе се добијат дополнителни количини на струја за енергетскиот систем со нејзината изградба ќе се задоволат и потребите за топлинска енергија во Скопје.   

-Со договорот за стратешката инвестиција на Митилинеос за изградба на когенеративна централа во Скопје, обезбедивме модел со кој ќе се добие поевтина струја за граѓаните во наредните 20 години. Потребата од топлинска енергија во Скопје е 510 гига вати, а моментално се произведува 275 гига вати, имаме разлика која е израз на потребата за затоплување на домовите во Скопје. Со изградбата на оваа централа, таа потреба ќе биде задоволена, а со тоа ќе се обезбеди и топлинска енергија за дополнителни 36.000 домаќинства во главниот град, рече Битиќи.

Според Атанаско Тунески, професор на Машинскиот факултет во Скопје ефектите од законот за Митилинеос се катастрофални за земјава, а бројките се фрапантни и ќе доведат до финансиски колапс на државата.

-На Митилинеос му се дава државна помош од 50 милиони евра во кеш, плус исто како државна помош може да се смета што му се дава плац од 115 илјади квадратни метри, тоа се 20 фудбалски игралишта со закуп од само 10 денари по квадратен метар месечно, што е повторно државна помош затоа што овој закуп во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) чини четири евра за квадратен метар. Третиот и најважен тип на државна помош е тоа што му се гарантира дека сета струја и сета топлина ќе му се купи и тоа по цени што се за 15 до 35 отсто повисоки од берзанските, рече Тунески.

Порача дека секој трговец знае што значи да се купи гарантирано количество,  а тоа, додаде, значи дека се што ќе произведе Митилинеос земјава ќе мора да го купи и дури доколку не и треба.

-Попластично, кога не ни треба топлина ќе ја плаќаме, кога не ни треба струја во ноќно време, сеедно што Македонија во одредени ноќни периоди извезува струја ќе има обврска да купува струја од Митилинеос. Сето тоа непотребно ќе го плаќаме и на годишно ниво тоа непотребно плаќање ќе не чини 20 милиони евра, посочи Тунески.

Како што кажа, тоа што директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски укажал дека во државната каса треба да се слеат од 120 до 150 милиони евра на име на данок од Митилинеос укажува дека компанијата ќе има профит од 1,2 до 1,5 милијарди евра од објектот што ќе го изгради за период од 30 години колку што е предвидено да трае закупот.вј/са/

Фото: Принтскрин  

Остани поврзан