• среда, 25 декември 2024

Битиќи соопшти дека поднесува оставка од функцијата потпретседател на СДСМ

Битиќи соопшти дека поднесува оставка од функцијата потпретседател на СДСМ

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи со видео обраќање преку својот Фејсбук профил соопшти дека поднесува оставка од функцијата потпретседател на СДСМ по поразот на партијата на денешните претседателски и парламентарни избори.

-Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, вели тој во објавата на Фејсбук. 

Битиќи упатува апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

-Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.
Да се вратиме повторно меѓу граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби и да се вратиме на нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме. И за крај: нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквоста. За силен и единствен СДСМ, посочува Битиќи во видео обраќањето. фф/ац/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан