• среда, 18 декември 2024

Битиќи: Рамазан нека носи среќа, бериќет и мирна мисла во сите наши семејства

Битиќи: Рамазан нека носи среќа, бериќет и мирна мисла во сите наши семејства
Скопје, 11 април 2022 (МИА) - Вицепремиерот Битиќи вечерва на покана на Стопанската комора Македонија-Турција МАТТО присуствуваше и се обрати на ифтарската вечера.
 -Во овој наш свет месец Рамазан, моето срце е полно кога го славиме вака сложно и заедно. За време на ланските пости повикав на одговорност за да се заштитиме себе и ближните, а оваа година сум среќен дека можеме и вака физички да сме заедно. Овој свет месец не зближува на трпезата, во срцата и молитвата, истакна Битиќи.
Во брзото и непредвидливо време во кое живееме, нагласува вицепремиерот, важно е да се потсетиме на вредностите на кои овој празник низ вековите не учи.
-Солидарност, подавање рака на онемоштениот, да поделиме со помалку од нас среќниот, на мир во духот за да ја почувствуваме моќта на чистата мисла која доаѓа од молитвата и љубовта за различниот. Им благодарам на претседателот и членовите на МАТТО, Стопанската комора Македонија-Турција за денешната покана на ифтарската вечера. Вечерва сум меѓу пријатели и тоа ме прави среќен, истакна Битиќи.Тој на сите сограѓани им посакува спокоен период на пост и молитва во месецов на Рамазан.
-Нека има здравје, среќа и бериќет во секое семејство! Во вашето, моето, во турското, македонското, ромското, во сите наши семејства, во ова наше убаво, шарено, богато со традиција и дух „Едно општество за сите“, рече вицепремиерот во обраќањето на ифтарската вечера. сст/дма/

Остани поврзан