• сабота, 23 ноември 2024

Битиќи: „Раде Кончар" е пример за тоа како иновативноста води до успеси на глобалните пазари

Битиќи: „Раде Кончар

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, вечерва се обрати на свеченоста по повод прославата на 75-годишнината на АД „Раде Кончар“ ТЕП, нагласувајќи дека се работи за редок јубилеј со кој може некоја компанија да ги означи своите повеќедецениски успеси.

-Прославата на 75-годишнината на АД „Раде Кончар“ ТЕП е вистински пример за тоа како континуирано отворениот и иновативен пристап во развојот на нови производи и услуги, даваат повеќедецениска виталност и пазарни успеси на регионалниот и глобалните пазари. Овде несомнено спаѓа и имплементацијата на квалитетни и напредни технолошки решенија кои ги задоволуваат највисоките индустриски стандарди и најспецифични потреби на пазарот во делот на металопреработувачката и електро-индустријата, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека јубилејот е приказ на визионерскиот курс кој менаџментот на компанијата успева да го одржува низ годините, прифаќајќи го напредокот и постојано поместувајќи ги границите на она што е можно.

-Водејќи силна грижа за вработените, за нивната материјална сигурност и постојаното вложување во развојот на нивните знаења и вештини, Раде Кончар е компанија во која развојот на човечкиот капитал во дослух со науката и тесната соработка со високо-образовните институции, ги има зацврстено темелите на пазарните успеси и во индустрии во кои технолошкиот напредок незапирливо поставува нови предизвици, рече Битиќи.

Како што се наведува во сооштението, вицепремиерот Битиќи се осврна и на тешките предизвици со кои се соочува светот, климатските промени и деградацијата на животната средина, од кои не е одмината ниту Северна Македонија.

-Имаме домашна компанија која има прераснато во пример за тоа дека пазарните успеси може да се остваруваат и со прифаќање на поширока одговорност кон заедница и примена на циркуларен пристап во работењето. За пофалба се пазарните успеси кои одат подалеку од иновациите и современата технологија, кои во себе интегрираат развиена свест за заштита на животната средина. Раде Кончар е пример за компанија која создава и споделува вредност со општеството и животната средина, истовремено претставувајќи модел кој треба да биде инспирација и мотив за останатите компании во Северна Македонија за тоа како преку одговорни деловни практики во 21-от век може да се остваруваат глобални пазарни успеси, рече Битиќи. 

Во својство на вицепремиер за економски прашања, Битиќи рече дека уште од почетокот на својот мандат има уверување дека компетитивноста на нашата економија на регионалните и глобалните пазари може да биде засилена само доколку домашните компании развиваат производи и услуги на темел на иновативност и вложување во истражување и развој, достоинствено платени работни места, со кои создаваат додаден вредност и бележат успеси нe само на нашиот пазар, туку ефективно се натпреваруваат и на глобалната сцена. 

-Токму „Раде Кончар“ е тој вид на компанија, која во своето работење го отелотворува принципот на иновативност во технолошкиот развој, рече Битиќи. ев/

МИА ФОТО: Влада

Остани поврзан