• петок, 27 декември 2024

Битиќи: Пратениците ќе одлучат за инвестицискиот проект на „Митилинеос“

Битиќи: Пратениците ќе одлучат за  инвестицискиот проект на „Митилинеос“

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека пратениците ќе одлучат за евентуалната реализација на стратешкиот инвестициски проект  „Митилинеос“,  когенеративна постројка Скопје,  ако има потреба нешто да се смени преку амандмани откако ќе се закаже собраниската комисија за четирите закони меѓу кои е и законот за овој проект. 

-Не, не може да се најде на владина седница. Таа е во собраниска процедура. Поминато е потребата за донесување на четирите закони по скратена постапка, се очекува да се закаже Комисијата на која што ќе се расправаат сите четири и судбината е во рацете на пратениците. Сите пратеници имаат можност во моментот кога ќе се закаже Комисијата да дадат амандмани ако треба нешто да се смени и ако законот помине. Ние на најтранспарентен и отчетен начин тоа го направивме сите буквално услови од договорот се обзнаени, ги има целата јавност, ги има сите пратеници, ние сме достапни како повереници и јас лично како повереник заедно со другите во службата да објасниме, да дообјасниме нешто што не е доволно јасно. Не убедуваме никого затоа што договорот е на маса. На крај се самите пратеници коишто треба да одлучат која ќе биде судбината на секоја една инвестиција, рече Битиќи одговорајќи на новинарско прашање по денешната обиколка на новото училиште „Визбегово“.

Битиќи вчера на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање посочи дека на седница на Влада ќе се видат аргументите за  овој проект.

– Има таков предлог на седница на Влада, ќе видиме кои се аргументите. Предлогот на компанијата „Митиленеос“ е преговарана две и пол години и ако сакате ќе ги добиете записниците од комисиите за стратешки инвестиции, десет на број, во кои што сите институции се вклучени во преговорите, затоа ќе се разговара на седница на Влада. Дали има потреба од повлекување, ќе видиме на седница на Влада. Тогаш ќе можам да одговорам, рече Битиќи. 

На новинарско прашање во врска со тоа дали смета дека треба да продолжат собраниските процедури околу Предлог-законот, со оглед на реакциите во јавноста, Битиќи рече дека „ако реакција на еден потпишан уметник и бивш дипломат е реакција на експертската фела, тогаш на тој начин треба да се разговара за секое едно прашање во нашето општество“.

– Јас навистина ги ценам експертите, но ценам вистински експерти кои својата експертиза, и знаење ги ставаат во насока на помош на нашата држава и унапредување на политиката, рече Битиќи.

Вели аргументите ќе се стават на маса и предлогот на министерот за економија ќе се разговара, бидејќи како што рече, тоа е начинот на кој што се носат одлуките на Влада.

Во врска со барањето на Комисијата за заштита на конкурентноста за дополнително објаснување околу државната помош, Битиќи рече дека Комисијата има две забелешки.

– Едната е во однос на членот 11 во договорот и тој сметам дека соодветно ќе биде сменет, бидејќи не се доделува државна помош. Државна помош се доделува со договор за државна помош за којшто има соодветна процедура и тој договор никогаш не е во законска одредба, којашто кажува дека договор за државна помош треба да оди во Собрание. Во моментот кога договорот за државна помош ќе биде актуелен, ќе влезе во сооветна процедура кај Комисијата за заштита на конкурентност за да даде мислење и решение. Доколку Комисијата не даде мислење, ниту решение по однос на државна помош, тој соодветно ќе се поправи. Ништо не е надвор од законот, изјави Битиќи.бт/лв/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан